Вучиќ во Давос - Не можеме да се откажеме ниту од кинеските, ниту од европските инвестиции

Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 18 јануари на панелот на Светскиот економски форум во Давос изјави дека не може да се откаже ниту од 30 отсто од кинеските инвестиции, ниту од 65 отсто од европските инвестиции, пренесува Бета.

Вучиќ на панелот „Нова евроазиска зора“ рече дека земјите од Западен Балкан и Југоисточна Европа се под притисок кога соработуваат со Кина.

„Не прашуваат дали сакаме да влеземе во ЕУ или Кина. Мораме да работиме за доброто на нашите земји, не можеме да бидеме успешни без големи кинески инвестиции, без тесна соработка со нив, а луѓето во Европа мора да го разберат тоа“, рече тој.

Видете и ова: Вучиќ и Фон дер Лајен разговараа за пакетот помош од ЕУ

Вучиќ прецизираше дека кога станува збор за странските директни инвестиции, „60 до 64 отсто од вкупните странски директни инвестиции доаѓаат од Европа, но повеќе од 32 до 33 отсто доаѓаат од Азија - од Кина, Јапонија и Јужна Кореја.

Вучиќ рече и дека на Србија и на другите земји од Западен Балкан им е потребна посилна Германија бидејќи нејзиниот економски пад е проблем и за земјите од регионот.

Истиот ден, Вучиќ разговараше во Давос со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за „геополитичките предизвици и стратешки важните прашања за Србија“, се вели во објавата на неговиот Инстаграм профил.

Вучиќ напиша и дека во фокусот на разговорот, на маргините на Светскиот економски форум, биле плановите за имплементација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој според него треба „да ги зајакне и зближи економиите и општествата“.