ЕП усвои резолуција со која се повикува на траен прекин на огнот во Газа

Израелски војници во Појасот Газа, 17 јануари 2024 година.

Европските пратеници усвоија резолуција со која се бара траен прекин на огнот во израелската војна против Хамас, под услов палестинската милитантна група во Газа да биде распуштена и сите заложници што ги држи да бидат ослободени.

Конфликтот ги подели земјите од Европската унија, како и политичките групи, а постигнувањето консензус за текстот на резолуцијата не беше лесна задача.

Оригиналниот текст на резолуцијата ја нагласува потребата од траен прекин на огнот. Тој беше усвоен дури откако беше усвоен амандманот поднесен од конзервативните пратеници, во кој се инсистира дека Хамас мора да се распушти за да се постигне прекин на огнот. Исто така, повикува на безусловно ослободување на сите преостанати заложници.

Резолуцијата, која е необврзувачка и многу симболична, беше усвоена со 312 гласа „за“, 131 „против“ и 72 воздржани.

Видете и ова: Хамас поставува нови услови за договорот за лекови за заложниците

Ова е првпат Европскиот парламент да повика на прекин на огнот откако пратениците во октомври се согласија да повикаат на „хуманитарна пауза“.

Амандманот инсистира сите заложници „веднаш и безусловно да бидат ослободени и да се расформира терористичката организација Хамас“.

Палестинските милитанти сè уште даваат отпор низ Газа наспроти една од најсмртоносните воени кампањи во поновата историја. Убиени се повеќе од 24.400 Палестинци. Околу 85 отсто од 2,3 милиони жители на тесната крајбрежна територија ги напуштиле своите домови, а Обединетите нации велат дека четвртина од населението гладува.

Израел вети дека ќе го расформира Хамас за да се осигура дека никогаш нема да повторат напад како оној на 7 октомври, кога беа убиени повеќе од 1.200 луѓе, а околу 240 беа земени како заложници.

Видете и ова: Блинкен: Создавањето палестинска држава е неопходно за безбедноста на Израел

Европската унија се бори по нападот да постигне рамнотежа помеѓу осудата на Хамас, поддршката на правото на Израел да се брани и да се осигура дека правата на цивилите од двете страни се заштитени според меѓународното право.

Европската унија, како и САД, го прогласија Хамас за терористичка група.

Европските пратеници, исто така, изразија „длабока загриженост поради страшната хуманитарна ситуација во Појасот Газа која брзо се влошува и повикаа на обновување на „решението за две држави“ меѓу Израел и Палестинците и крај на израелската окупација на палестинските територии.