Вучиќ и Фон дер Лајен разговараа за пакетот помош од ЕУ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја пречекува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Белград на 31 октомври 2023 година. Илустративна фотографија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во Давос разговараше со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за „геополитичките предизвици и стратешки важните прашања за Србија“, се вели во објава на неговиот Инстаграм профил.

Вучиќ напиша и дека во фокусот на разговорот, на маргините на Светскиот економски форум, биле плановите за имплементација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој според него треба „да ги зајакне и зближи економиите и општествата“.

„Србија е подготвена најдобро да ја искористи оваа помош на патот на модернизацијата и изградбата на кој се движиме, а особено и се заблагодарив на претседателката на Европската комисија за нејзиното лично вклучување и разбирање за состојбите во регионот и поддршката за европскиот пат на нашата земјата“, напиша Вучиќ.

Видете и ова: Повеќе од 20 европски политичари бараат од ЕУ истрага за изборите во Србија


На 8 ноември 2023 година, Европската комисија го одобри Планот за раст на Западен Балкан, кој предлага пакет финансиска помош од шест милијарди евра за периодот од 2024 до 2027 година.

Повеќе од 20 високи европски политичари ја повикаа Урсула фон дер Лајен на 18 јануари да ги истражи и наводите за кражба на декемвриските избори во Србија.

„Ја повикуваме ЕУ да спроведе независна истрага за сите пријавени изборни нерегуларности и тврдења за кражба“, велат европските претставници во писмо, кое еден од потписниците, Мајкл Рот, го сподели на социјалната мрежа Х.

Видете и ова: Дел од опозицијата во Србија и во 2024 ги продолжи протестите за поништување на изборите


На 17 јануари Европскиот парламент одржа дебата за последните избори во Србија, каде беше соопштено дека Европската комисија очекува Србија транспарентно да ги истражи сите поплаки за нерегуларности за време на изборите одржани на 17 декември минатата година.

Следната недела во Европскиот парламент повторно ќе се расправа за изборите за Србија.

Се очекува на пленарна седница во февруари да се гласа за резолуцијата на Европскиот парламент за изборите во Србија.