Пакистанските воени авиони почнаа со воздушни напади рано на 18 јануари против осомничени милитантни цели во соседен Иран, во напад за кој локален ирански официјален претставник изјави дека загинале најмалку девет лица, меѓу кои четири деца и три жени.
Иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди изјави за новинарите дека меѓу загинатите нема ирански државјани.
Нападите во провинцијата Систан-Балучистан уследија откако Корпусот на гардата на Исламската револуција (ИРГЦ) на 16 јануари нападна цели во пакистанската југозападна провинција Балучистан, при што загинаа две деца.
Пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека нападите биле насочени кон „терористички“ бази.
„Утринава Пакистан започна серија висококоординирани и високо насочени прецизни воени напади врз засолништата на терористите во иранската провинција Систан-Балучистан. За време на разузнавачката операција со кодно име Марг Бар Сармачар беа убиени голем број терористи“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Пакистан нападна засолништа на милитанти во Иран, седум загинатиОфицијален претставник на иранската провинција Систан-Балучистан изјави за новинската агенција Мехр дека нападите погодиле погранично село и дека жртвите се жени и деца.
„Во 4:50 часот се слушнаа неколку експлозии во областа на градот Сараван, а по истрагата откривме дека Пакистан гаѓаше едно од иранските погранични села со проектил“, изјави претставникот на Систан-Балучистан, Алиреза Мархамати за новинската агенција Мехр.
Одмаздничкиот напад дојде неколку часа откако Исламабад го отповика својот амбасадор од Иран во знак на протест поради нападот на ИРГЦ и рече дека „го задржува правото да одговори“ на „незаконскиот напад“ на Иран.
Во соопштението се наведува и дека Иран сноси одговорност за „последиците“ од нападот.
ИРГЦ тврди дека нејзиниот напад на 16 јануари бил насочен кон локации во Балучистан поврзани со сунитската милитантна група Балоч Џаиш ал-Адл.
Порозната 900-километарска граница меѓу Иран и Пакистан се покажа како тешка за контролирање, дозволувајќи им на различни милитантни групи да дејствуваат во областа.
Видете и ова: Пакистан го осуди нападот од ИранНа 16 јануари, Ирак, исто така, го отповика својот пратеник од Техеран, откако цивили беа убиени во ракетен напад на ИРГЦ во Ирбил во автономниот регион Курдистан во Ирак. Ирански проектили го погодија и Идлиб во Сирија.
ИРГЦ соопшти дека нападите во Ирак и Сирија биле насочени кон „шпионски штабови“ и „терористички“ цели.
Патем, Балучистан е регион кој ги опфаќа Пакистан, Авганистан и Иран.
Тој е дом на народот Балучи, кој негодува да биде управуван и од Исламабад и од Техеран. Поради ова, со децении избувнуваа бунтови во порозниот пограничен регион. Областа во која живеат е богата со природни ресурси, а балушките сепаратисти се жалат дека нивниот народ, кој е меѓу најсиромашните во регионот, има мала корист од тие ресурси.