Шефот на Канцеларијата на ЕУ во Косово: Изборите на северот се уште се клучни

Северна Митровица, една од четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово, јануари 2023 година.

Шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Томаш Суњог, го поздрави тоа што Србите од Косово го користат демократскиот закон и правната рамка за собирање потписи во рамките на петицијата за смена на градоначалниците Албанци во Северна Митровица и Лепосавиќ.

Тој ги повика локалните и централните власти да ја достават целата потребна документација до Иницијативните групи за покренување петиција во уште две општини со српско мнозинство на северот на Косово, Звечан и Зубин Поток.

Собирањето потписи во Северна Митровица и Лепосавиќ почна на 17 јануари, а колоната од граѓани ја предводеа претставници на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово.

Видете и ова: Од први февруари, еврото единствена валута во Косово

Собирањето потписи продолжи и на 18 јануари.

Брзото одржување на вонредни локални избори на северот на Косово со безусловно учество на косовските Срби се уште е клучно“, напиша Суњог на социјалната мрежа Х.

Оваа петиција за смена на албанските градоначалници доаѓа откако Србите ги бојкотираа минатогодишните локални избори кога на власт дојдоа албанските градоначалници.

Месното српско население не ги прифати, а следеа кризи со зголемени тензии.

Тогаш меѓународната заедница побара распишување на вонредни избори, што Владата на Косово го прифати и во септември 2023 година донесе Управна инструкција за смена на градоначалникот.

Видете и ова: Почна собирањето потписи за смена на градоначалниците во Северна Митровица и Лепосавиќ

За да биде успешна петицијата потребно е да се соберат најмалку 20 отсто потписи од вкупниот број запишани гласачи.

Според Централната изборна комисија на Косово, за смена на градоначалникот во Северна Митровица треба да се соберат најмалку 3.640 потписи, во Лепосавиќ 2.689, во Зубин Поток 1.347, додека петицијата Звечан треба да ја потпишат најмалку 1.411 лица со право на глас.