Бројот на новинари во затвор ширум светот нагло се зголемил во 2023 година, според податоците на Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), при што земји како Белорусија и Русија го користат екстремизмот и другите „антидржавни“ закони како „најчесто оружје“ да ги замолчат независните медиуми.
Во годишниот извештај за затворените новинари објавен на 18 јануари, Комитетот наведува дека во периодот до 1 декември зад решетки биле 321 новинар, што е втор најголем број затворени новинари од 1992 година, откако ова мерење постои.
Најлоша е ситуацијата во Кина, каде што се затворени 44 новинари, потоа Мјанмар (43), Белорусија (28) и Русија.
Вкупниот број е „вознемирувачки барометар на вкоренетиот авторитаризам и строгоста на владите решени да ги задушат независните гласови“, наведе CPJ, истакнувајќи дека повеќе од 65 отсто од затворените новинари се соочуваат со „антидржавни обвиненија како лажни вести и тероризам како одмазда за нивните критичко известување."
Во Белорусија бројот на приведени новинари драстично се зголеми по протестите по спорните претседателски избори во 2022 година, на кои на авторитарниот владетел Александар Лукашенко му беше доделен шести последователен мандат. CPJ вели дека 71 отсто од затворениците се соочуваат со обвиненија против државата, а речиси половина отслужуваат казна од пет години или повеќе во затвор.
Видете и ова: Новинар на РСЕ ранет на фронтот во Украина додека снимаше прилогРусија, исто така, ги засили напорите за сузбивање на слободното известување, според CPJ, при што независните медиуми во земјата беа уништени откако Кремљ ја започна својата инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
„Москва се обидува да го криминализира новинарството надвор од нејзините граници со издавање налози за апсење и затворски казни во отсуство за неколку истакнати новинари кои работат во егзил“, се вели во извештајот.
Во меѓувреме, Русија држи 12 од вкупно 17 затворени новинари кои не работат локално, вклучително и Алса Курмашева, новинарка на татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа, која три месеци е притворена во Русија, како и новинарот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович.
Уште десет новинари од Украина, од кои пет се кримски Татари, исто така се во руски притвор. Москва илегално го анектира Крим од Украина во 2014 година.
Според извештајот, Иран забележал пад на бројот на затворени новинари, при што вкупниот број паднал на 17 од 62 затворени новинари во 2022 година, кога според CPJ оваа земја беше најлошо рангирана.
Сепак, Комитетот за заштита на новинарите вели дека податоците покажуваат дека многу од оние на списокот за 2022 година биле ослободени со кауција во очекување на обвиненија или казна, „што значи дека помалиот број затворени во 2023 година на ниту еден начин не сигнализира какво било олабавување на репресијата на медиумите од Иран.
Видете и ова: Двајца новинари загинаа во израелски напад врз Газа„Наместо тоа, властите одговорија на порастот на известувањето за правата на жените, издвојувајќи ги истакнатите новинарки за да направат пример за нив“, се додава во извештајот во кој се наведува дека осум од 17-те приведени се жени.
Меѓу земјите од Централна Азија, Таџикистан има најмногу затворени новинари, каде седум од нив отслужуваат затворски казни од седум до 20 години.
„Суровите казни ја влошија распространетата клима на страв и самоцензура меѓу новинарите во медиумско опкружување веќе десеткувано од долгогодишниот притисок на владата“, наведе CPJ за она што нејзините истражувачи го открија за време на патувањето во Таџикистан кон крајот на 2023 година.
Комитетот, исто така, наведува дека слободата на медиумите „нагло се влошила“ во Азербејџан со претседателските избори кои ќе се одржат следниот месец. До 1 декември, четворица медиумски работници беа уапсени, а оттогаш уште најмалку тројца.