Присуството на Зечевиќ на конвенцијата на Нова алтернатива не е најава за коалиција, туку политичка култура

Славјанка Петровска, министерка за одбрана

Министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека дека присуството на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, на конвенцијата на партијата Нова алтернатива не значи по дефиниција дека ќе има коалиција или соработка.

„Тоа е одлука на партијата, а партијата добила покана. Мислам дека треба кој било член на партијата да удостои формирање политичка партија доколку принципите на партијата, се разбира, се демократски и со европски вредности. Присуството не значи по дефиниција дека ќе се направи коалиција или соработка, тоа е политичка култура“, рече Петровска, која е и член на Централниот одбор на СДСМ.

Петровска додаде дека основањето на која било политичка партија во земјава базирано на демократските вредности е за поздравување, и како што додава, е одлика на плурализмот.

Од вчера и официјално, на чело на партијата Нова алтернатива застана градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска.

Видете и ова: Данела Арсовска промовирана како претседателка на партијата Нова Алтернатива

Инаку, дел од раководството на Социјалдемократскиот сојуз вчера биле и во посета на движењето Самоопределување во Приштина.

На средбата, како што соопштија од Самоопределување, се разговарало за понатамошната соработката меѓу двете партии, за регионалната соработка и дијалогот како клучни столбови за стабилност и европската иднина на Западен Балкан.

Минатиот месец опозициските партии на Албанците во Македонија, Демократско движење, Алтернатива и Беса, најавија дека и партијата на Албин Курти Самоопределување, ќе бидат дел од нивната коалиција.