Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, изјави дека службите на Градот откриле еколошка катастрофа на парцела од 4000 квадратни метри приватен имот и 5000 квадратни метри имот на Македонија, во близина на реката Лепенец, на само неколку стотини метри од новата прочестителна станица што ја гради Ѓорче Петров.
Приватната дива депонија се наоѓа на парцела која е во сопственост на компанија што е под истраги за други дела, како и на лице вработено во Општина Ѓорче Петров во секторот финансии, а од неодамна е избран и за член на раководството на Синдикат на вработените во Општината, рече Арсовска на денешната прес-конференција.
Како што објави, одговорните по дојава биле фатени на самото место додека вршеле екоцид. Тие биле спречени во вршење нелегални активности, прибрани се докази, а состојбата е фотографирана. Дополнително, случајот е пријавен во МВР, а на самото место излегла и полицијата.
„Нема да дозволиме никој свесно и за профит да ги труе скопјани. Констатирано е дека приватната дива депонија се користела како бизнис од наведените лица, кои не само што предизвикале екокатастрофа со истурање отпад во заштитната зона на реката Лепенец туку и се осомничени за финансиски криминал. Прашањето е дали најголем клиент на овие лица, кои вршеле екоцид, е Општината Ѓорче Петров. Во документацијата во која се водела илегална евиденција може јасно да се констатира дека покрај градежните фирми и приватни лица од кои се наплаќало од 1000 до 1200 денари, најчест клиент што депонирал опасен отпад е Општината“, рече Арсовска додавајќи дека ова се случувало во изминатите две години.
Видете и ова: Никој не знае колку време бил складиран опасниот отпад во Ѓорче ПетровОпштина Ѓорче Петров демантира дека депонирала отпад нелегално и дека создавала диви депонии и ја оцени како „политички мотивирана“ денешната прес- конференција на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
„Општина Ѓорче Петров никогаш не депонирала отпад нелегално на посочената локација, ниту создавала диви депонии. Напротив, Oпштината го чисти таквото ѓубре. Добро ќе биде наместо водење висока политика и кажувањето ловечки приказни, градоначалничката да се погрижи за акутните проблеми на градот, па на следната прес-конференција да се пофали со некој изграден булевар, почист воздух или, пак, решение за чекањето по повеќе часови автобуски превоз, кој секако, согласно нејзините заложби, треба да биде бесплатен“, пишува во реакцијата на Општина Ѓорче Петров.
Градоначалничката пак, вели дека случајот е „криминален и скандалозен“ и апелираше процесирањето да биде што е можно побрзо. Појасни дека од земените примероци, според увидот на инспекторите, отпадот е многу опасен зашто имало големи количини салонитни елементи, како и голем дел гуми и тоа се фрлало истовремено во Лепенец и „во масивни волумени“ се закопувало покрај реката.
„Град Скопје поднесе и кривична пријава до МВР против лицата кои правеле бизнис со кој го загрозуваат здравјето на граѓаните, а ќе поднесеме и посебна кривична пријава против градоначалникот на Општина Ѓорче Петров. Најмалку што може е да понесе морална одговорност во овој момент, а потоа и одговорност од функцијата градоначалник. Град Скопје, ниту јас како негов градоначалник, нема да дозволиме кој било свесно и за профит да ги труе скопјани“, рече Арсовска.
Општината, како штo додаде градоначалничката, немала склучено договор со ЈП „Дрисла“ за одлагање комунален и општински отпад.