Повеќе од 20 европски политичари бараат од ЕУ истрага за изборите во Србија

илустрација

Повеќе од 20 високи европски политичари ја повикаа претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен да ги истражи наводите за кражба на декемвриските избори во Србија.

„Ја повикуваме ЕУ да спроведе независна истрага за сите пријавени изборни нерегуларности и тврдења за кражба“, велат европските претставници во писмото што го видел бриселскиот портал Политико.

Меѓу 24-те потписници на писмото се и Михаел Рот и Жан-Луј Бурланж, како и претседателите на комитетите за надворешна политика на Италија, Данска и Луксембург.

Тие ја повикаа ЕУ самостојно да ги истражи наводите за изборна измама и да даде препораки за обезбедување слободни и фер избори во Србија, додава Политико.

Во зависност од наодите на истрагата, како што велат, во Србија би можело да бидат распишани нови избори.

„Наша заедничка цел е да ја видиме Србија како членка на Европската Унија во оваа деценија“, се наведува во писмото.

Писмото беше упатено до највисоките функционери на ЕУ, вклучително и Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел и претседателката на Европскиот Парламент Роберта Мецола.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Нов протест на опозицијата во Белград: „Ако се откажеме од оваа борба, никогаш нема да има избори“

Меѓу потписниците на писмото има и претставници на Украина, Молдавија и Велика Британија, кои не се членки на ЕУ.

Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на 18 декември објави дека изборите биле одбележани со злоупотреба на јавни средства, поттикнување страв и медиумска доминација на Александар Вучиќ.

На 17 јануари Европскиот Парламент одржа дебата за последните избори во Србија, каде беше соопштено дека Европската Комисија очекува Србија транспарентно да ги истражи сите поплаки за нерегуларности за време на изборите одржани на 17 декември минатата година.

Следната недела во Европскиот Парламент повторно ќе се расправа за изборите за Србија.

Дебатата ќе се одржи во надворешнополитичкиот комитет на Европскиот парламент, на состанокот закажан за 23 јануари. По дискусијата на 17 јануари, се очекува на пленарна седница во февруари да се гласа за резолуцијата на Европскиот Парламент за изборите во Србија.