Пакистан нападна засолништа на милитанти во Иран, седум загинати

илустрација

Пакистанските воени авиони почнаа со воздушни напади рано на 18 јануари против осомничени милитантни цели во соседен Иран, при што загинале најмалку четири деца и три жени.

Нападите на пакистанските борбени авиони следуваат еден ден откако ирански дронови погодија исламистички борци во прекугранични напади, пренесе ДПА.

Пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека воздушните сили ги гаѓале засолништата на сепаратистите во иранската провинција Систан во операција под кодно име Марг Барг Сарамчар.

„Утринава Пакистан презеде серија висококоординирани и конкретно насочени прецизни воени напади врз засолништата на терористите во иранската провинција Систан-Балучистан. За време на разузнавачка операција со кодно име Марг Бар Сармачар беа убиени голем број терористи“, се вели во соопштението.

Нападите од страна на Пакистан, каде живее сунитско мнозинство и Иран каде доминираат шиити, ги ескалираа тензиите по што регионалните сили Кина и Русија ги повикаа двете страни да покажат воздржаност и да не дозволат конфликтот дополнително да ескалира.

Претходно иранските власти соопштија дека гаѓале комплекс во пакистанската провинција Белучистан, кој наводно го користат борците на групата Џаиш ал Адл.

Видете и ова: Пакистан го осуди нападот од Иран

Се верува дека Џаиш, сунитска милитантна група поврзана со Исламската држава во провинцијата Курасан, извршила неколку смртоносни напади против иранската Револуционерна гарда и граничните сили во Систан во последниве години.

Портпаролот на пакистанското Министерство за надворешни работи, Мумтаз Балоч, рече дека Исламабад извршил одмазднички напади за да го одбрани својот суверенитет откако Иран ја наруши одбраната на земјата.

Пакистан, кој поседува нуклеарно оружје и Иран за кој се верува дека се обидува да развие нуклеарно оружје, имаат проблематични односи. Двете нации се непријателски уште од иранско-ирачкиот конфликт во 1980-тите.