Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вечерва, 17 јануари, беше промовирана како нова претседателка на политичката партија Нова Алтернатива, која најави настап на парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај.
На промоцијата од партијата посочија дека Арсовска добила едногласна поддршка од делегатите, се заблагодарија што ја прифатила нивната покана да застане на чело на партијата и оти заедно со неа очекуваат „нови успеси и рекордна поддршка на идните парламентарни избори“.
Според најавите од новата претседателката, партијата следната недела ќе ги почне активностите за избор на партиските органи и програмата. Во однос на евентуалното коалицирање за изборите, како што рече Арсовска во изјава за медиумите, сите опции се отворени.
„Тоа е нешто за коешто треба нормално да се разговара. И во овој момент сметам дека е премногу рано како Нова Алтернатива да можеме генерално и да дадеме ваков одговор, меѓутоа она коешто го знаеме е дека ќе учествуваме на претстојните парламентарните збори. Имаме многу од нашите граѓани коишто не поддржуваат, коишто знаат за какви лица се работи кои можат да дадат многу за иднината на нашата земја“, рече Арсовска.
Видете и ова: Арсовска градоначалник „За модерно Скопје“ или „Скопје што потона“За тоа што партијата досега беше во коалиција со СДСМ, Арсовска пред новинарите кажа дека на денешната конвенција се донела одлука за излез од таа коалиција и оти „партијата ќе ги пресметува своите следни чекори“.
Актуелниот генерален секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, пак, беше меѓу гостите на партиската конвенција на Нова Алтернатива.
На обраќањето на конвенцијата, пред партиските делегати и гостите како нова претседателка, Арсовска зборуваше за политичката сцена во земјава оценувајќи дека е „разочарувачки што во три децении независност и три генерации политичари во Македонија, просперитетот е само збор во политичка кампања“.
„Македонија е земја во која половина милион наши сограѓани живеат по прагот на сиромаштијата, земја во која царува криминалот, корупцијата, непотизмот. Горда сум што не припаѓам на овој деформиран, корумпиран политички естаблишмент, и горда сум што можам да кажам дека припаѓам на генерација која од една страна е сведок на сите неправди, а од друга страна знае како да ги исправи сите“, рече Арсовска додавајќи дека е време политиката да биде натпревар на идеи и понуди за подобар живот, а не начин на стекнување привилегии и брзо збогатување.
Партијата, како што посочи таа, ќе се заснова на четири постулати: правдата, ослободување на економијата од стегите на крупниот капитал и воведување на еднакви можности, борбата со корупцијата и криминалот и целосна дигитализација на јавната администрација.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Нова Алтернатива беше создадена во 2007 година од страна на Ѓорѓи Оровчанец, кој е поранешен министер за здравство и пратеник, како и ексчлен на ВМРО-Народна партија.
Новата партиска претседателка, Арсовска, пред да стане градоначалничка на Скопје беше претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија. На локалните избори во 2021 година таа првично објави дека се кандидира како независна и собираше потписи, но потоа ја доби поддршката и од ВМРО-ДПМНЕ.
По помалку од една година на градоначалничката функција која ја презеде во ноември 2021, во септември следната година „пука“ довербата помеѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, по што следуваше и разрешувања и оставки на функционерите во градската администрација од редовите на оваа партија.
За нејзиното назначување за претседателка на Нова Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека „тајната коалиција СДСМ-Арсовска, стана јавна“ и оти овој проект ќе доживее дебакл. Од партијата и порачаа на градоначалничката и „наместо со висока политика, за почеток да почне да го решава хаосот во Скопје“.