Хамас поставува нови услови за договорот за лекови за заложниците

Доставување лекови во Појасот Газа, 23 октомври 2023 година.

Висок функционер на Хамас во средата претстави нови услови за испорака на лекови на заложниците кои оваа милитантна група ги држи во појасот Газа, инсистирајќи дека Израел не смее да ги прегледува камионите што ги носат лековите.

Според договорот постигнат во вторникот со посредство на Катар и Франција, лекови и хуманитарна помош ќе бидат доставени до цивилите во Газа во замена за снабдување со лекови потребни за заложниците кои ги држи Хамас.

Според договорот, лекови треба да добијат 45 заложници.

Муса Абу Марзук, висок член на Хамас, во средата ги откри новите услови за доставување лекови на заложниците.

„За секоја кутија со лекови што ќе стигне до нив, 1 000 кутии да има за жителите на Газа“, објави тој на мрежата X.

Видете и ова: Шефот на иранската дипломатија: Нападите врз Израел ќе престанат ако прекине војната во Газа

Марзук рече дека лековите ќе бидат доставени преку земја во која Хамас има доверба, а не преку Франција, и ќе се распоредат во различни болници.

„Фармацевтски камиони ќе влезат без израелска инспекција“, рече тој.

Израелското воено тело одговорно за цивилните работи на палестинските територии, COGAT, во средата за Франс Прес посочи дека пет камиони со лекови ќе бидат подложени на безбедносна проверка на преминот „Керем Шалом“.

Сите пратки со помош кои влегуваат во Појасот Газа се предмет на израелска контрола.

Безбедносен извор во Египет изјави дека катарскиот авион со лекови пристигнал во средата во египетскиот град Ел-Ариш во близина на граничниот премин „Рафа“.

Франција соопшти дека лековите ќе биде испратени во болница во Рафах, каде што ќе биде предадена на Црвениот крст пред да биде пренесена кај заложниците.

За време на ноемвриското примирје посредувано од Катар, Хамас ослободи десетици заложници во замена за палестинските затвореници кои ги држеше Израел.

Видете и ова: Блинкен: Создавањето палестинска држава е неопходно за безбедноста на Израел

За време на нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, палестинските милитанти киднапираа околу 250 луѓе.

Израелските власти соопштија дека 132 од нив сè уште се држат во заробеништво на територијата, вклучително и 27 за кои, според агенцијата Франс Прес, се верува дека се убиени.

По упадот на Хамас, Израел започна жестоки напади врз Газа во кои загинаа најмалку 24 448 луѓе, според здравствените власти под контрола на Хамас.