Седницата во М-НАВ за разрешување на раководството ќе продолжи и утре

М-НАВ (архивска фотографија)

Седницата на Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ за смена на раководството ќе продолжи и утре, се до комплетирање на целокупната документација, информираат од Македонската навигација.

Седницата започна денеска попладне, 17 јануари, откако Владата на 9 јануари даде препорака до Надзорниот одбор да разреши двајца од тројцата директори: Фахрудин Хамиди, кој беше извршен директор, и Љубе Стаменковски, кој беше секторски-технички директор.

На нивно место треба да се именуваат Хекуран Асани и Милан Кораќ.

„Седницата на Надзорниот одбор ќе продолжи и утре се до комплетирање на целокупната документација, лиценци, дозволи итн. Услови што треба да се исполнат од страна на предложените кандидати од Владата за членови на Управниот одбор“, информираат за МИА од М-НАВ.

Видете и ова: Полицајци и приватна фирма за обезбедување со нов тендер го чуваат М-НАВ

Според процедурите, како што објаснуваат оттаму, по именувањето на новите директори, ќе следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централниот регистар, од каде се добива решение. Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела.

Претседател на Надзорниот одбор во М-НАВ е Кристијан Михајлоски, а членови Едмонд Калики и Димитар Џеков.

Асани, кој ќе биде нов извршен директор, е вработен во „М-НАВ“ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнал со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и инструктор за областа контрола на летање (OJTI). Тој ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.

Милан Кораќ, пак, кој ќе го замени Стаменковски, е раководител-инструктор за електроенергетика во М-НАВ. Претходно, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.

Разрешувањата во М-НАВ следуваат откако на 4 јануари во објектите на Македонска навигација се случи инцидент во кој беше нападнат контролор на летови. Тоа следуваше откако на прес-конференцијата претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, информираше дека контролори на летање и нивни помошници ќе поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.

Видете и ова: Инспекторатот за труд најрано за една недела ќе се произнесе за вработувањата во М-НАВ

За инцидентот во М-НАВ истрага отвори и Основното јавно обвинителство – Скопје кое сомничи осум лица за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Меѓу нив е и Бекир Незири, советник во М-НАВ и истакнат член на ДУИ. Од осомничените, четворица беа приведени со отворањето на истрага, а од четворица се трагаше од кои едно лице беше приведено на 12 јануари. Во моментов, петмината се наоѓаат во домашен притвор.

На 11 јануари во надзор во М-НАВ влегоа и тројца инспектори од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) кој се очекува следната недела да се произнесе за вработувањата во оваа институција.