Европската унија подготви планови за складирање на стотици милиони тони емисии на јаглерод диоксид до 2050 година за да се осигури дека нејзината индустрија може да ги исполни европските цели во борбата против климатските промени, покажува нацрт-документ.
За постигнувањето на целта на ЕУ за нето нула емисии до 2050 година ќе се бара од компаниите да се префрлат на зелена енергија и да ги променат своите методи на производство.
За секторите кои немаат технологија да го направат тоа, нивните емисии на јаглерод диоксид ќе треба да се фатат, за да се избегне нивното влегување во атмосферата и поттикнување на глобалното затоплување.
До 2050 година, ЕУ ќе мора да фати до 450 милиони тони јаглерод диоксид годишно, според нацрт-планот на Европската комисија, во кој увид имала агенцијата Ројтерс.
„До истиот датум, поголемиот дел од преостанатите емисии од индустријата на ЕУ ќе треба да се фатат и складираат, особено од цементниот и хемискиот сектор“, се наведува во нацрт-документот.
Видете и ова: Маките на германската економија на почетокот на годинатаСпоред официјалните податоци, ЕУ во 2022 година емитувала 3,6 милијарди тони еквивалент на јаглерод диоксид.
Поголемиот дел од јаглерод диоксидот заробен до 2050 година би требало да биде трајно складиран под земја. Дел би можел да се користи во индустриски процеси како што е во производството хемикалии.
Во нацртот се наведува дека 100 милиони тони јаглерод диоксид складирани до 2050 година ќе бидат во енергетскиот сектор, од електрани кои работат на фосилни горива што емитуваат јаглерод или од „биогени“ извори како органскиот отпад.
ЕУ ќе мора директно да „зароби“ до 200 милиони тони јаглерод диоксид од атмосферата за да избалансира со некои преостанати емисии до 2050 година, се наведува во нацртот.
Крис Дејвис, директор на кампањата на групата ЦЦС Европа, рече дека недостатокот на политичка поддршка ја принуди ЕУ да го надомести изгубеното време со развивање на технологијата. ЕУ нема оперативни проекти за складирање на јаглерод диоксид.
Европската комисија одби да го коментира нацрт-документот, пишува Блумберг Њуз.
Во нацртот се наведува дека изградбата на инфраструктура за ловење и складирање на јаглерод во оваа деценија ќе бара средства и од ЕУ и од земјите-членки.