Новинарот на украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), Дмитро Јевчин, беше ранет во средата кога тој и неговиот колега се најдоа под артилериски оган додека снимаа телевизиски прилог од фронтот во јужна Украина.
Екипата на проектот „Кримска реалност“ на РСЕ, составена од новинарот Јевчин и снимателот Микита Исајк, го снимаше прилогот на фронтот во областа Роботин, регионот Запорожје.
Јевчин се здобил со рана во ногата како последица од минофрлачки гранатирање.
Украинската војска заедно со Исајк му пружила прва помош и го евакуирала во полската болница во блиското село, а потоа го превезла во болница во Запорожје.
Видете и ова: Во 2023 година речиси 100 новинари биле убиени, а 400 затворениСпоред лекарот, операцијата била успешно завршена и Јевчин засега ќе остане на интензивна нега.
Јевчин работи во проектот „Кримска реалност“ на РСЕ од 2018 година. Тој беше автор на истакнати приказни за животот на Крим под руска окупација.
Од почетокот на општата руска инвазија на Украина во 2022 година, тој ги покрива воените операции, работејќи на линијата на фронтот. Заедно со снимателот Исајк е автор на репортажите од јужниот фронт.
Според податоците на Украинскиот институт за масовни информации, од февруари 2022 година, како резултат на руска агресија, загинале 70 новинари, од кои 10 во вршење професионална новинарска дејност, а 25 новинари се повредени.