Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан изјави во средата во Давос дека нападите на „Оската на отпорот“ врз Израел и неговите интереси ќе престанат ако заврши војната во Газа, предупредувајќи дека конфликтот може да ги зголеми тензиите на Блискиот Исток.
Иран го поддржува палестинското милитантно движење Хамас во неговата војна со Израел, кој во воздушна и копнена офанзива го опустоши појасот Газа. Техеран ги обвинува САД дека ги поддржуваат, како што велат, израелските злосторства во Газа.
„Завршувањето на геноцидот во Газа ќе доведе до крај на воените акции и кризи во регионот“, рече Амир-Абдолахиан на Светскиот економски форум.
Видете и ова: Членките на ЕУ започнале дебата за создавање европска мисија во Црвеното Море„Безбедноста на Црвеното Море е поврзана со случувањата во Газа и сите ќе страдаат ако злосторствата на Израел во Газа не престанат... Сите фронтови (на отпорот) ќе останат активни“, рече министерот за надворешни работи на Иран.
Американскиот претседател Џо Бајден во петокот рече дека јеменските бунтовници Хути поддржани од Иран се „терористичка“ група, откако американски и британски воени авиони, бродови и подморници извршија десетици воздушни напади низ Јемен во текот на ноќта.
Бунтовниците Хути, кои нападнаа бродови во Црвеното Море, како што велат, поради солидарност со Палестинците против Израел, се заканија со „силен и ефективен одговор“ на нападите на САД и Велика Британија.
Амир-Абдолахиан, исто така, рече дека Техеран споделува разузнавачки информации со Ирак за активностите на израелската разузнавачка агенција Мосад во полуавтономниот курдски регион во Ирак.
Видете и ова: Кои се јеменските Хути и зошто се нападнати?Иран соопшти дека нејзината Револуционерна гарда нападнала израелски „шпионски штаб“ во ирачкиот град Ербил во понеделникот. Ирак, пак, подоцна негираше дека таков шпионски центар постоел во земјата.