Во Северна Митровица и Лепосавиќ денеска (17 јануари) почна собирањето потписи за смена на градоначалниците од албанската заедница во општините на северот на Косово со српско мнозинство.
Доколку Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) го потврди резултатот од петицијата, тоа ќе го отвори патот за смена на градоначалниците Албанци кои беа избрани во април 2023 година, откако изборите беа бојкотирани од Србите во знак на незадоволство од политиката на косовската влада.
Петицијата ја потпишаа и претставници на Српската листа, партијата која ги бојкотираше изборите и чии претставници ги напуштија косовските институции и го охрабрија заминувањето на другите Срби.
Видете и ова: Косово издаде административно упатство како може да се сменат градоначалницитеНа местата каде граѓаните ја потпишуваат петицијата за смена на градоначалникот се присутни и претставници на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, која ја има поддршката од Белград.
Според новинарите на Радио Слободна Европа, постои голем интерес кај граѓаните во Северна Митровица да се потпишат на петицијата. Во Северна Митровица петицијата се одржува откако советниците на општината го одобрија барањето на иницијаторот за собирање потписи во Спортската сала во оваа општина на северот на Косово, претежно населена со Срби.
Следната недела се очекува да започне собирањето потписи во Звечан и Зубин Поток.
Видете и ова: Изборната комисија на Косово го отвори патот за смена на градоначалниците на северотСпоред Административното упатство за смена на градоначалникот, група граѓани по добивањето на овластувањето за користење на јавна површина или место за започнување на петиција, има рок од 30 дена да собере потписи за смена на градоначалникот. Овој период може да се продолжи само еднаш за 15 дена.
Доколку ЦИК потврди дека собраните потписи се соодветни и ги верификува, се организира гласање за смена на градоначалникот, кое треба да се одржи во рок од 45 дена. За ова гласање да биде успешно, потребни се 50 отсто плус еден глас од граѓаните со право на глас.
После тоа, резултатот се испраќа до претседателката на Косово, Вјоса Османи, која има законски рок од 30 до 45 дена да распише предвремени избори.
Доаѓањето на албанските градоначалници во северните општини ги зголеми тензиите на крајот на мај минатата година, а ситуацијата во Звечан ескалираше, кога Србите се судрија со припадниците на КФОР. Меѓународната заедница побара деескалација на ситуацијата и распишување нови избори.