Шефицата на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен следната недела ќе дојде во Босна и Херцеговина, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) извори од ЕУ во Сараево.
Фон дер Лајен пристигнува со Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска и холандскиот премиер Марк Руте. Истиот извор наведува дека причина за посетата на Сараево е да се охрабрат босанските политичари на патот на Босна и Херцеговина кон Европската Унија.
Лидерите на државите и владите на Европската Унија на 14 декември минатата година одлучија да ги отворат пристапните преговори со Украина, Молдавија и со Босна и Херцеговина откако ќе се исполнат критериумите за членство.
Одлуката на шефовите на држави и влади на ЕУ ја потврди и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел кој ја повика Европската Комисија до март годинава да информира за степенот на усогласеност на БиХ со критериумите, за да се донесе таква одлука.
Видете и ова: Нацрт заклучоци на Самитот на ЕУ: Зелено светло за преговори за Украина и Молдавија, БиХ треба да ги исполни критериумите за членствоЕУ очекува БиХ да ги исполни 14-те поставени приоритети за да може да ги отвори преговорите со Европската Унија.
Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, на 15 декември испрати писмо до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и членовите на тој Совет, во кое изјави дека жали што Босна и Херцеговина не добила поддршка за отворање преговори со ЕУ.
Во декември 2022 година, Босна и Херцеговина доби статус на кандидат за полноправно членство во ЕУ. Европската Комисија на 8 ноември годинава му препорача на Советот на ЕУ отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина, откако ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство во ЕУ.