Стотици граѓани се собраа на 16 јануари во Белград на уште еден протест што го свика опозициската коалиција „Србија против насилството“ со барање да се поништат резултатите од вонредните парламентарни и локлани избори во Србија што се одржаа на 17 декември 2023 година.
Мариника Тепиќ, која ја предводеше листата „Србија против насилството“ на изборите, повтори дека коалицијата бара нови избори под нови услови, тврдејќи дека на гласањето на 17 декември 2023 година се случила изборна кражба.
Таа се осврна на почетокот на дискусијата во Европскиот парламент утре (17.01), оценувајќи дека европската институција ќе расправа за „украдените избори во Србија“.
„За тоа штрајкувавме со глад во оваа соседна зграда. Им се обративме на Европа, на светот, на меѓународната заедница, за да покажеме што се случува со нашите животи и избори во оваа земја и дека тука нема избори што можат да сметаат за фер и слободни“, рече таа на почетокот на протестот пред седиштето на Републичката изборна комисија (РИК).
Тепиќ од 18 декември минатата година, 33 дена штрајкуваше со глад во седиштето на изборната комисија, барајќи да се поништат изборните резултати. Во штрајкот ѝ се придружија уште неколку опозициски политичари.
Таа го прекина штрајкот на 30 декември, по барање на лекари.
Коалицијата „Србија против насилство“ ден по гласањето започна со секојдневни протести, а последниот протест со барање за поништување на изборите го одржа на 30 декември во организација на граѓанската иницијатива „Проглас“.
По собирот пред РИК, демонстрантите тргнаа низ центарот на Белград до црквата „Свети Марко“, за да запалат свеќи за убиениот политичар Оливер Ивановиќ.
Ивановиќ беше српски опозициски политичар во Косово. Беше убиен на 16 јануари 2018 година, со шест истрели во грбот, пред партиските простории во Северна Митровица. Убиството до ден денес не е расветлено.
Републичката изборна комисија ги објави конечните резултати од парламентарните избори на 12 јануари.
Сите приговори на опозициската коалиција „Србија против насилството“ и државниот врв и владејачката Српска напредна партија (СНС) ги негираат наводите за изборна кражба.
Покрај дел од опозицијата, на нерегуларностите на изборите во Србија одржани на 17 декември укажаа и домашни и меѓународни набљудувачи.
И европратеници побараа независна истрага за сите пријавени нерегуларности за време на изборите, а Соединетите Американски Држави ги повикаа и властите во Србија да ги истражат наводите на меѓународните набљудувачи.