МВР: Личните карти чиј рок не е истечен ќе важат и по 12 февруари

Лична карта, илустрација

Личните карти чиј рок не е истечен ќе продолжат да важат и по 12.02.2024 година, соопштија попладнево(16.1) од Министерството за внатрешни работи.

МВР како ресорно министерство надлежно за издавање на лични документи укажува дека Законот за личната карта не е изменет.

„За таа цел, ги информираме граѓаните на Република Северна Македонија, дека личните карти со називот на државата „Република Македонија“ кои имаат важност, односно чиј рок не е истечен, продолжуваат да важат и по 12 февруари 2024 година“, пишува во соопштението од МВР.

Изминатиот период во Скопје можеа да се забележат редици граѓани кои со часови чекаа да се сликаат за нови лични документи пред пунктот без закажување во ПС „Пролет“, а истата слика ја има и на пунктот на МВР за подигање на документите во зградата на МРТВ.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ со иницијатива до Уставен, бараат пасошите и возачките дозволи да важат и по 12 февруари

Рокот од пет години за замена на личните документи на граѓаните со новото уставно име на државата истекува на 12 февруари согласно Преспанскиот договор со Грција што стапи на сила во 2019 година.

Премиерот Димитар Ковачевски на 10 јануари најави дека Владата на седница ќе разгледува дали може да се продолжи рокот за вадење нови лични документи, како што претходно предложи претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставниот суд со која бара пасошите и возачките дозволи да важат и по 12 февруари.

Според податоците од МВР, од 5 јули 2021 година до 31 декември 2023 година, сменети се 1.007.885 лични карти, , 1.169.463 пасоши и 529.799 возачки дозволи.