Задолжително да се носат заштитни маски во здравствените установи и во домовите за стари лица и да се забранат посетите во болниците и во домовите кои згрижуваат стари лица, препорача Комисијата за заразни болести по денешната седница поради зголемен број на заболени од грип.
Овие препораки Комисијата ги доставува до Министерството за здравство, а за нив треба да одлучи Владата.
„Моментално имаме зголемување на бројот на случаи со грип и споредено со минатата недела и споредено со просечниот број на случаи во минатите 13 години. Влезени сме во сезоната на инфлуенца и повторно треба да размислуваме за заштита на најранливите, а тоа се луѓето постари од 65 години, луѓето со хронични болести и ги повикуваме, доколку во минатиот период не завршиле со вакцинација, да се заштитат со примање на вакцина против грип“, изјави Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Петличковски рече дека грипот го надминал бројот на случаи на ковид, кој е во опаѓање. За големата кашлица, се уште се два регистрирани случаи. Тој ги повика родителите да ги вакцинираат децата со вакцината против голема кашлица за да го намалат ризикот кај нив.
Препораките за училиштата, пред почетокот на второто полугодие, се проветрување и хигиенски мерки.
Видете и ова: Зошто се враќа големата кашлица?Директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ информираше дека од почетокот на сезоната на грип починале шест лица. Последниот случај е жена на околу 45-46 години, за која Стефановиќ рече дека имала коморбидитети.
„Грипот кај и да е ќе го досигне пикот и затоа сите треба да бидеме внимателни. Апелираме на совесно однесување“, кажа д-р Стевановиќ.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, од почетокот на сезоната на грип во октомври, кога епидемиолозите регистрирале 196 заболени, бројот во јануари се искачи на 1.025 заболени.
Заклучно со првата недела од јануари, 60.766 граѓани се вакцинирале против сезонски грип.