Зеленски разговараше со Блинкен и со Столтенберг во Давос за одбранбените потреби на Украина

Светски економски форум во Давос, 16 јануари 2024 година

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ја нагласи потребата Украина да ги зајакне своите капацитети за воздушна одбрана во разговорите со американскиот државен секретар Антони Блинкен и со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг на маргините на Светскиот економски форум во Давос на 16 јануари, додека Киев бара меѓународна поддршка за својата борба за одбивање на руската инвазија која се наближува кон втората годишнина.


„Ние сме решени да ја задржиме нашата поддршка за Украина и тесно соработуваме со Конгресот за тоа прашање“, рече Блинкен на средбата со Зеленски, додавајќи дека знаел дека американските колеги во Европа ќе го сторат истото.

Видете и ова: ОН бараат 4,2 милијарди долари хуманитарна помош за Украинците

Изјавата на Блинкен доаѓа во време кога преговорите во американскиот Конгрес за одобрување на нов голем пакет помош за Украина, предложен од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, се во застој.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, кој исто така е присутен во Давос, го увери украинскиот претседател дека САД и нивните сојузници се решени да обезбедат „Русија да загуби, а Украина да победи“.

Зеленски се заблагодари на администрацијата на Бајден и на поддршката од американскиот Конгрес.

„Навистина сметаме на вашата поддршка, на продолжување на вашата огромна поддршка“, додаде Зеленски.

Тој го спомна американскиот систем „патриот“ кој ѝ помогна на Украина во воздушната одбрана да ја подобри одбраната од руските ракети.

Видете и ова: Свештеник на Руската православна црква се соочува со протерување затоа што не се моли за победа против Украина

Од почетокот на годината, Украина е подложена на серија невообичаено интензивни руски воздушни напади кои ја ставија нејзината противвоздушна одбрана под огромен притисок.

„Го информирав генералниот секретар за неодамнешните масовни руски воздушни напади и ја истакнав потребата од дополнително зајакнување на воздушната одбрана на Украина. Разговаравме и за други одбранбени потреби“, напиша Зеленски на платформата X (поранешен Твитер).

Зеленски додаде дека тој и Столтенберг разговарале за подготовките за клучниот самит на НАТО во јули во Вашингтон.

„Нагласив дека Украина предвидува одлуки кои ќе ја доближат до членство во Алијансата“, напиша Зеленски.

Видете и ова: Кремљ смета дека без Русија, разговорите во Давос за мир во Украина немаат смисла


Зеленски, кој во претходните години се обрати на собирот во Давос преку видео-врска, треба лично да се обрати на Светскиот економски форум во швајцарскиот ски-центар подоцна во текот на денов.

Пред својот говор, шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги предупреди присутните во Давос дека, иако Украина може да „превладее“ во војната, „ние мора да продолжиме да го зајакнуваме нивниот отпор“.

„На Украинците им треба предвидливо финансирање до 2024 година и понатаму. Ним им треба доволно и постојано снабдување со оружје за да ја одбранат Украина и да ја вратат територијата што ѝ припаѓа“, додаде таа.

Видете и ова: Во Давос економски форум на светската елита

Украинскиот лидер неодамна беше на неколку патувања во странство за да обезбеди поддршка за својата земја во услови на зголемена замор од војна во некои европски престолнини и САД, главниот сојузник на Киев.

Предвидено е Зеленски да се сретне со други светски лидери во Давос, а се очекува да разговара и со претставници на ЕУ, како и со лидери на големи бизниси со цел да побара помош за зајакнување на одбраната и економската стабилност на земјата.

По пристигнувањето во Берн на 15 јануари, Зеленски разговараше со швајцарската претседателка Виола Амхерд.

По разговорот, тој рече дека украинските претставници почнале со подготовките за одржување на глобален мировен самит во Швајцарија.

Самитот треба да го земе предвид „сето она што е веќе постигнато“ и да утврди дека крајот на војната „треба да биде крајно фер“ според меѓународното право, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со Амхерд.