По добиените информации за пропустот поврзан со истакнувањето на официјалното знаме на Република Северна Македонија на тенискиот турнир „Австралија Опен“, Министерството за надворешни работи, соопшти дека реагирало преку амбасадата во Канбера, до Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија, како и до организаторот на турнирот, „Австралија Опен“.
Како што се наведува, оттаму МНР добило уверување дека се работи за ненамерен пропуст - техничка грешка која е веднаш исправена и која не предизвикала ефективни ограничувања.
„Беше испратено длабоко извинување и уверување дека инцидентот нема да влијае врз силните врски помеѓу граѓаните на Австралија и Северна Македонија, кои се карактеризираат со пријателство и љубов кон спортот. Организаторот појасни дека согласно важечките правила, на трибините за време на натпреварите на турнирот дозволено е да се веат само знамиња на учесниците на натпреварот“, се вели во соопштението од МНР.
Од МНР додаваат дека добиле и потврда дека за време на учеството на нашата натпреварувачка Лина Ѓорчевска, официјалното знаме на земјава било присутно на трибините меѓу гледачите без никакви ограничувања.
Македонската заедница во Австралија вчера алармираше дека македонското знаме е забрането за пренос преку камерите на тенискиот турнир „Австралија Опен“, покрај знамињата на Палестина, Израел, Русија, Белорусија и Тајван, кои исто така се забранети.