Актуелните состојби поврзани со европските интеграции на Северна Македонија, реформскиот процес, како и политичките состојби во нашата држава и во регионот биле темите за кои разговарале македонскиот претседател Стево Пендаровски и Џејмс O’Брајан, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт департмент, на Светскиот економски форум во Давос.
„На средбата беше реафирмирана поддршката на САД за европските аспирации на Северна Македонија, и беше изразено очекувањето од официјален Вашингтон дека државата ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија“, соопштија од Кабинетот на Претседателот Пендаровски.
Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска и утре (16 и 17 јануари) ќе учествува на 54-тиот Годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, годинава насловен „Обнова на довербата“.
Видете и ова: Во Давос економски форум на светската елитаКабинетот на Пендаровски соопшти дека е предвидено тој да учествува на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, на неформалниот собир на светските економски лидери „Враќање на вербата во глобалниот систем“ и на официјалната вечера „Градење на Европа на утрешнината“.
На годинешниот состанок на Светскиот економски форум во Давос е предвидено учество на над 100 шефови на држави и влади, претставници на водечките меѓународни организации, како и претставници на граѓанското општество, експерти, младински претставници, социјални претприемачи и новински куќи.