Израел објави дека интензивните борби во северниот дел на Газа завршиле

илустрација

Завршија интензивните борби на израелските вооружени сили против исламистичката група Хамас на северот на Појасот Газа, соопшти израелското Министерство за одбрана.

„Интензивната фаза на копнената офанзива на југот на крајбрежната енклава во областа на градот Кан Јунис наскоро ќе заврши“, изјави во понеделникот израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, пренесува The Times of Israel.

„На крајот на војната, нема да има воена закана од Газа. Хамас нема да може да контролира и да функционира како воена сила во Појасот Газа, а израелските сили ќе имаат целосна слобода на дејствување да направат се што е неопходно за да ги одбранат граѓаните на Израел. Можеби ќе биде потребно долго време, но ќе заврши со тотална победа“, рече Галант.

Видете и ова: Војната меѓу Израел и Хамас влезе во 100-тиот ден, Нетанјаху вети „Никој нема да нè спречи“

Иако периодот на интензивни борби наскоро ќе заврши, вооружените сили мора да продолжат со воениот притисок за да обезбедат ослободување на преостанатите израелски заложници во Газа, рече тој.

„Доколку дојде до прекин на огнот, судбината на заложниците ќе биде запечатена многу години во заробеништво на Хамас. Без воен притисок, никој нема да разговара со нас. Само од позиција на сила може да се ослободат заложниците“, додаде тој.

Меѓународниот притисок постојано се зголемува врз Израел за да го намали интензитетот на нападите и да избегне масовни цивилни жртви за време на нападите во Појасот Газа.

Вашингтон го повика Израел да премине од силно бомбардирање на целни напади против исламистичката милитантна група Хамас.