Шефот на Пентагон пуштен од болница, Бајден со недели не знаел дека тој е болен

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во Тел Авив, Израел на 18 декември 2023 година.

Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, беше пуштен од болница на 15 јануари, по две недели лекување поради компликации кои настанале од операцијата на рак на простата.

Претседателот Џо Бајден и првите луѓе на неговата администрација со недели не знаеле за операцијата и дијагнозата на Остин.

Се очекува Остин да работи од дома додека не закрепне. Тој на 22 декември беше примен во Националниот воено медицински центар „Волтер Рид“, каде му беше извршена операција на рак на простата, откриена претходно при редовен преглед.

Една недела подоцна добил инфекција на уринарниот тракт, па бил хоспитализиран на 1 јануари, кога бил примен на интензивна нега. Лекарите рекле дека останал во болница поради болки во ногата предизвикани од инфекција и дека може да оди на физикална терапија.

Претседателот Џо Бајден и високите претставници на администрацијата не знаеле дека Остин е во болница се до 4 јануари. Остин дури на 9 јануари открил дека има рак на простата. Бајден рече дека Остин згрешил што не му кажал дека е хоспитализиран, но дека нема да бара оставка од него.

Додека Остин престојуваше во болница, американската војска изврши серија напади врз Хутите во Јемен минатата недела. Беа погодени десетици локации поврзани со нападите на Хутите врз бродови во Црвеното Море.

Од болничкиот кревет, Остин се консултирал со воените лидери и онлајн присуствувал на состаноците во Белата куќа, од каде набљудувал, наредувал и на крајот ги следел нападите преку безбедна видео врска.

Видете и ова: Американски товарен брод погоден во Црвеното море

Недостатокот на транспарентност за време на хоспитализацијата на Остин доведе до преиспитување на процедурите за известување на Белата куќа, во однос на тоа дали некој член на кабинетот мора да делегира овластување за одлучување на неговиот заменик, што Остин го направи за време на неговата почетна хоспитализација и неколку денови поминати во болница.

Шефот на кабинетот на Белата куќа им наложи на членовите на кабинетот да ја известат неговата канцеларија доколку не се во можност да ги извршуваат своите должности.

Членовите на Конгресот од двете партии, исто така, го критикуваа Остин што претходно не објавил дека е во болница. Конгресменот Мајк Роџерс, претседател на Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом, објави дека отворил и истрага. Други пак, побараа оставка од шефот на Пентагон, но Белата куќа ги отфрли тие повици.

Сè уште не е познато дали Остин планира да се врати во својата канцеларија во Пентагон и како лекувањето од рак на простата ќе влијае на неговата работа, патување или други активности.

Заменик-секретарот за одбрана Кетлин Хикс презеде некои од секојдневните должности на Остин додека тој закрепнува.