Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер на 15 јануари во Берлин пред илјадници демонстранти кои протестираа поради зголемување на данокот, порача дека нема повеќе пари за земјоделски субвенции.
Околу 10.000 земјоделци од цела Германија, со механизација, на 15 јануари излегоа на улиците во Берлин, за да им се приклучат на протестите на кои се бара преиспитување на плановите за зголемување на данокот.
Околу 3.000 трактори, 2.000 камиони и околу 10.000 луѓе се собраа на авенијата која води до Бранденбуршката порта во Берлин на масовен собир, кој ја заокружи неделата на протести против Владата, пренесува „Ројтерс“.
„Не можам да ветам поголема државна помош од сојузниот буџет. Но, можеме заедно да се бориме да уживате повеќе слобода и почит за својата работа“, изјави Линднер пред земјоделците кои протестираа.
Протестите го зголемија притисокот врз коалицијата на канцеларот Олаф Шолц додека тој се обидува да го поправи буџетскиот хаос и да ги заузда десничарските сили.
Видете и ова: Протест на германските земјоделци пред Бранденбуршката портаКако што Радио Слободна Европа порано анализираше, Германската економија е во рецесија по дваесетгодишниот раст.
Кон ова придонесоа најмногу геополитичките промени, како што се прекинот со снабдување на евтин руски гас поради војната во Украина, а потоа и отежнатиот пристап до кинескиот пазар.
Германската економија ја оптоварува и структурен проблем како заостанувањето во дигитализацијата, стареењето на населението и недостигот на работна сила.
Трактори и камиони денеска беа паркирани долж авенијата, а илјадници фармери се движеа по улиците веејќи го германското знаме.
Во неделата навечер, на 14 јануари, полицијата предупреди дека авенијата веќе е полна и ги повика демонстрантите да се соберат на алтернативни локации.
Видете и ова: Маките на германската економија на почетокот на годинатаСоочена со жестокиот бунт, Владата, која веќе се сложи дека нема да ги укине даночните олеснувања на новите земјоделски возила, прифати укинувањето на субвенциите за дизел горивата во земјоделството да го одложи на неколку години.
Но, земјоделците, со гласна поддршка од опозициските конзервативци и крајната десница, велат оти и тоа не е доволно.
„Земјоделците ќе изумрат“, порача фармерот Карл Вилем Кемпнер на 15 јануари, додека се качуваше во автобус во Келн со кој селаните се упатија на протестите.
Владата зазеде смирен став поради загриженоста дека политичката дебата во земјата станува радикализирана и дека протестите би можеле да станат насилни.