Американски товарен брод погоден во Црвеното море

Поддржувач на племето Хути во Јемен носи фрлач на ракетни гранати за време на протестот против неодамнешните напади предводени од САД врз цели на Хутите, во близина на Сана, Јемен, 14 јануари 2024 година.

Британската агенција за поморски трговски операции (УКМТО) соопшти за нов тежок инцидент во Црвеното море.

Според овие информации, американски товарен брод е погоден со проектил од воздух недалеку од јеменскиот јужен пристаништен град Аден.

Британската компанија за поморска безбедност Амбри, тврди дека бродот погоден од проектил во близина на јужниот брег на Јемен бил товарен брод во сопственост на САД.

Централната команда на САД исто така го потврди нападот и ги обвини Хутите дека стојат зад истиот.

Според компанијата, нападот „ги таргетирал интересите на САД како одговор на американските воени напади врз воените позиции на Хутите во Јемен“.

Амбри известува и дека на американскиот товарен брод избил пожар, но и дека немало повредени, а бродот е способен да продолжи со пловидбата.

Од компанијата велат и дека се „направени проценки и бродот не е поврзан со Израел“.

Видете и ова: Американската војска пресретна противбродска ракета на Хутите

Хутите кои го поддржуваат Иран напаѓаат американски и британски товарни бродови во Црвеното море од ноември, а нападите ескалираа кон почетокот на 2024 година, што предизвика одговор од САД и Велика Британија.

Хутите тврдат дека бродовите се поврзани со Израел, иако многу од нив немаат никаква врска со Израел.

Премиерот на Велика Британија Риши Сунак, вели дека тие нема да размислуваат премногу за тоа дали ќе преземат чекори против Хутите за да го заштитат Црвеното море.

Видете и ова: Кои се јеменските Хути и зошто се нападнати?

„Се соочивме со ескалирачка низа на напади, вклучувајќи го и нападот на воениот брод на Кралската морнарница“, рече Сунак за новинарите.

Хутите се политичка и воена група која контролира голем дел од Јемен, а исто така се клучни партнери на Хамас во Газа. Тие најавија дека ќе продолжат со нападите на бродови кои патуваат за Израел.