АВМУ поднесе тужба против МИОА за кратење на средства

Зоран Трајчевски, директор на АВМУ

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ ) поднесе тужба против Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), бидејќи наводно ова Министерство подолг временски период го прекршувало Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Агенцијата, но и на другите корисници, им се префрлале помалку пари од законски предвидените.

Овие обвиненија денеска на прес-конференција за новинарите го изнесе директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски, кој рече дека со законски измени од јули годинава, точно е утврдена висината на парите кои се одделуваат од државната каса за финансирање на радиодифузната дејност – еден процент од реализираните даночни приходи утврдени со последната завршна сметка на буџетот.

Видете и ова: Медиумските реформи остануваат предизвик

„Парадоксално е што предлагач на овој закон е токму МИОА, против кое сега поднесуваме тужба“, изјави Трајчевски, објаснувајќи дека АВМУ досега двапати му укажало на МИОА за законските обврски кон нив, по што откако се обратиле и до претседателот на Собранието и надлежните комисии, се одлучиле да поднесат и тужба.

„За последните шест месеци, Агенцијата има добиено 4 милиони и 812 илјади денари помалку. Намалувањето е особено изразено овој месец, кога имаме добиено 1 милион 126 илјади денари помалку“, нагласи Трајчевски, образложувајќи ја тужбата против МИОА.