Обединетите нации (ОН) бараат од донаторите 4,2 милијарди долари годинава за хуманитарна поддршка за Украина во војната, како и за оние кои побарале прибежиште во странство.
Воочи двегодишнината од руската неоправдана воена агресија на Украина, Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи (OCHA) во Женева, на 15 јануари, објави дека оваа година хуманитарна помош им е потребна на 14,6 милиони Украинци во земјава, или на околу 40 отсто од вкупното население.
Покрај тоа, војната исто така принуди 6,3 милиони Украинци да ја напуштат земјава, а до крајот на минатата година во Европа се регистрирани 5,9 милиони бегалци од Украина, стои во соопштението на OCHA, кои го претставија својот План за хуманитарни потреби и одговори за 2024 година.
„Стотици илјади деца живеат во заедници на првите линии, исплашени, трауматизирани и лишени од своите основни потреби. Самиот тој факт треба да не натера да направиме се што можеме за на Украина да им обезбедиме поголема хуманитарна помош“, изјави шефот на OCHA, Мартин Грифитс.
Од почетокот на 2024 година Украина постојано е на мета на руски воздушни напади, во време кога цивилите страдаат поради невообичаено студеното време.
Видете и ова: Потрага по надеж: Искуства на бегалците и мигрантите„Во градовите и селата на првите линии, луѓето ги исцрпуваат своите сиромашни ресурси и се потпираат само на хуманитарната помош за да преживеат. Во регионите на Доњецк и Харков, семејствата се повлекуваат во оштетените куќи без водовод, гас или струја. Константните бомбардирања ги принудуваат луѓето деновите да ги минуваат во подрумите“, се додава во соопштението на OCHA.
Агенцијата на ОН за помош објави дека 3,1 милијарди долари, или 75 отсто од вкупниот износ, ќе бидат доделени за поддршка на околу 8,5 милиони луѓе во Украина, додека преостанатите 1,1 милијарда долари ќе бидат насочени за потребите на бегалците и на фамилиите кои ги примиле.
„Иако нивните маки повеќе не се на насловните страници, милиони бегалци од Украина и натаму имаат потреба од итна помош“, изјави високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.