Државниот инспекторат за труд (ДИТ) направи надзор на огласите за вработувања во М-НАВ, а една недела е најмал период во кој може да се изготви записникот, рече директорката на инспекторатот, Весна Томовска, која присуствуваше на денешниот брифинг на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска со новинарите.
Надзорот се прави согласно одлуката на Владата, по обвинувања од Синдикатот за партиски и роднински вработувања, упадот во Контрола на летање од почетокот на годинава и разрешувањата на двајцата директори на институцијата.
Во меѓувреме излегоа и информации дека во компанијата се вработени роднини на сегашни и поранешни министри и политичари, како што објави емисијата КОД на телевизија Телма.
„Инспекторите извршија надзор, одземена е документацијата за огласите за 21 работно место, од кои пополнети се 17 места. Станува збор за четири огласни постапки, документацијата е обемна, извршен е и разговор со претставникот на Синдикатот во М-НАВ“, рече Томовска.
Ова е првпат Инспекторатот за труд да влезе во институцијата.
Видете и ова: Приведен уште еден од осомничените за инцидентот во М-НАВТомовска рече дека со оглед на тоа што и финансиската полиција изврши надзор во М-НАВ, најверојатно ќе треба да се координираат и со финансиската полиција, за да се одлучи дали надзорот ќе се прошири или ќе остане и кој од двата органи ќе ги врши и дополнителните инспекциски надзори.
„Надзорот во М-НАВ е направен согласно одлуката на Влада. Инспекторатот постапува и по допрен глас во услови кога има одредени неправилности коишто укажуваат во делот на правата од работен однос. Кога станува збор за вработен, за нас е неважно е чиј роднина е. За нас сите се вработени. Така што, доколку постои повреда на право од работен однос или незаконита постапка на вработување, во тој случај за нас важен е поимот вработен и работник. Дали е тој роднина на кој било, за нас е ирелевантно. Инспекторатот спроведува инспекциски надзор. За истрага е задолжен друг орган“, додаде Томовска.
„ Код“ објави дека во М-НАВ се вработени сестрата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, снаата на вицепремиерот Артан Груби и внукот на министерот за земјоделие Љупчо Николовски, снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ, Ејуп Алими, внукот на советникот на директорот во М-НАВ, Беким Незири, кој е еден од осомничените за упадот во контролата на летање, а извори на „Код“ тврдат дека е вработен и внук на заменик-министерот за внатрешни работи, Назим Буши.
Премиерот Димитар Ковачевски, минатата недела изјави дека М-НАВ е станата „семејна фирма“.
„Има до трето колено вработувања од исто семејство. На претседател на синдикат татко му работел таму, брат му работи таму. На крај тие станале како семејство во кое имаат конфликти кои обично се случуваат по дома“, рече тогаш Ковачевски.
Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, кој беше прозван, тогаш порача дека контролите се добредојдени, со цел да се провери дали е се` регуларно, за да нема случаи каде некој се вработува за да не мора да доаѓа на работа и да не работи ништо, а да зема плата.
Околу Нова година вработени во М-НАВ и еден од директорите најавија откази поради последниот оглас за вработувања во оваа институција. Тие обвинија дека директорите донеле одлуки за вработување на несоодветен кадар кој не ги исполнува законските критериуми и потребни знаења. Потоа, на 4 јануари имаше упад во објектот на Контролата на летање на Меѓународниот аеродром Скопје, по што Јавното обвинителство отвори истрага против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.