Еурактив анкета: Екстремните десничари ги потиснуваат либералите во ЕУ

Европски Парламент (илустрација)

Европска народна партија (ЕПП) и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и натаму ќе бидат двете најбројни политички групи во Европскиот Парламент. Сепак по три и пол децении либералите ќе ја загубат „титулата“ трета партија по бројност, бидејќи ќе бидат потиснати од екстремно десничарската групација Идентитет и демократија (ИД), покажуваат најновите резултатите од истражувањето на аналитичкиот центар на „Еурактив“ во пресрет на јунските евроизбори.

Како што јави МИА, Европската народна партија (ЕПП), која ги обединува демохристијанските, либерално-конзервативните и конзервативните партии од десниот центар, според оваа анкета, би освоила 23,5 отсто од гласовите или 178 места во ЕП. Партиите членки на ЕПП би освоиле најмногу гласови со Бугарија, Германија, Грција, Летонија, Полска, Словенија, Финска, Хрватска и Шпанија, а дополнителни два мандати би и донела романската Партија на народното движење (ПМП), која на претходните истражување беше под изборниот праг.

Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) повторно би била втора по бројност група во Европарламентот со 18,3 проценти од гласовите и 143 мандати, предводени од Социјалистичката работничка партија на Шпанија, италијанската Демократска партија, Социјалдемократската партија на Германија и Шведската социјалдемократска партија. Членките на СД би освоиле најмногу гласови во Белгија, Литванија, Малта, Романија и Шведска.

Видете и ова: Европската десница зема замав, расте ли евроскептицизмот?

Идентитет и демократија (ИД), пак, би се зацврстила на третото место со 12,5 отсто од гласовите и 93 мандати. Членките на ИД би биле водечки партии во Австрија, Естонија, Франција и Холандија.

Единствена земја во ЕУ во која во јуни би победила либерална партија е Чешка.

Национал-конзервативната Европска партија на конзервативците и реформистите (ЕЦР), иако ќе биде четврта според бројот на освоени гласови (10,9 отсто), сепак би добила 80 пратенички места, што би ја рангирало на петтото место според освоените мандати.

Видете и ова: По насилните протести Франција планира да забрани екстремно десничарски групи

Исто како и либералите, и Зелените би освоиле 24 места помалку отколку во 2019 година и со 6,8 отсто од гласовите би добиле 50 мандати, продолжувајќи го трендот на пад на поддршката во анкетите.

Од друга страна, членки на групата Левица би победиле во Ирска и Кипар, но послабите резултати во останати земји, со вкупно 5,9 проценти гласови, би довело да намалување на бројот на нејзините европратеници на 37.

Партиите кои не припаѓаат на ниту една политичка групација, како и независните кандидати, би освоиле 11,6 отсто од гласовите или 142 пратенички места и би победиле во Словачка и Унгарија.