Вулкан во југозападниот дел на Исланд еруптираше на 14 јануари соопшти метеоролошката служба на земјата, што ја одбележа петтата ерупција на полуостровот Рејкјанес од 2021 година.
Лавата тече кон Гриндавик и ги проголта првите куќи. Горат најмалку две куќи, јавуваат исландските медиуми.
Ерупцијата започна северно од рибарскиот град Гриндавик, а првично не беше јасно од каде точно доаѓа лавата или во која насока тече. Научниците веруваат дека ерупцијата се случува југо-југоисточно од Хагафел.
Видете и ова: Ерупција на вулкан во Исланд, евакуирани 4000 лицаСпоред директен пренос на исландскиот јавен радиодифузер RUV, лавата почнала да избива од пукнатината во 8 часот по локално време пред да почне да блика како фонтана.
Националната метеоролошка служба претходно откри 200 земјотреси во близина на Гриндавик, град на околу 90 километри југозападно од главниот град Рејкјавик.
Вработените во итната помош испратија порака до луѓето да не се појавуваат во градот.
4.000 жители на малиот рибарски град беа целосно евакуирани во ноември минатата година, а само мал број жители се вратија.
Исланд има повеќе од 30 активни вулкански системи.