Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска наведе дека мрежа од компании подолг период црпеле пари по основ на поврат на ДДВ со фиктивни фактури и дека со тоа го оштетиле Буџетот за милиони, а дека раководството на Управата за јавни приходи (УЈП) „или знаеле и молчеле за целиот случај“. Од УЈП демантираат велејќи дека наводите на опозициската партија се невистинити и дека во моментов надлежните институции го испитуваат случајот.
Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на денешна прес-конференција рече дека во мрежата од компании кои испумпале милиони, често се менувале одговорни лица и сопственици.
„Во поголем број од случаите истите се лица кои што се од наши соседни земји и кои тешко се лоцираат“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: Рокот помина, 26 фирми се уште не платите солидарен данокОд ВМРО-ДПМНЕ велат дека криминалните мрежи преку фиктивна документација како и фиктивни фактури и фиктивна евиденција, го исцрпуваат даночниот потенцијал од Буџетот, а дека државните институции задолжени тоа да го контролираат во изминативе години не преземале никакви мерки, вели опозициската партија.
Од УЈП во демантот наведуваат дека институциите согласно своите надлежности постапиле како за овој, така и за сите останати случаи и апелираат до јавноста да ги следи официјалните информации од институциите.
„Управата за јавни приходи остро ги демантира наводите од страна на ВМРО-ДПМНЕ во кои се изнесуваат невистини за работата на УЈП и постапката којашто ја водат надлежните институции за злоупотреба на даночниот систем. Изнесувањето неточни и лажни информации од страна на ВМРО-ДПМНЕ со кои се манипулира и доведува во заблуда јавноста нанесува штета на работењето на УЈП“, се наведува во соопштението на УЈП.
Од ВМРО-ДПМНЕ исто така велат дека освен тоа што Буџетот е оштетен, дека државата тешко без кривично гонење ќе може да ги поврати исплатените милиони, бидејќи „компаниите преку кои се штанцани фиктивните фактури и се испупмани пари немаат имот за од истиот да се наплати долгот“.
„Со жалење констатираме дека системот на контролен механизам во институциите е нефункционален, а тоа го потврдуваат случаите минатата година процесуирани од обвинителство за фиктивно фактурирање и злоупотреба на службена положба“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така во соопштението на опозициската партија се вели дека ваковиот систем неможел да функционира со или без УЈП.
„Челници од Управата или знаеле и молчеле за целиот случај или целосно го девастирале системот и немаат увид“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: УЈП ќе ги блокира сметките на компаниите кои нема да платат солидарен данокВладејачката СДСМ реагираше оценувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ја загрози постапката која што била во тек, а ја спроведуваат надлежни институции по налог на УЈП.
„Дека постои мрежа на нафтени компании кои сакале да го изиграат системот и да испумпаат пари од буџетот заменик претседателката на СДСМ и директорка на УЈП јавно соопшти, најавувајќи детали за в понеделник. Случајот е откриен токму од УЈП, целата постапка на разоткривање и процедура за расчистување е веќе завршена и јавноста ќе биде запознаена со сите информации“, се вели во соопштението на СДСМ од 14 јануари.
Од СДСМ велат дека „предвремено изнесување паушални, неточни и непроверени работи како што прави ДПМНЕ“ ја загрозува постапката и дека опозициската партија требала да престане да прави штета со дезинформации.