Египет „целосно ја контролира границата со Газа“

Слика од беспилотно летало која покажува илјадници шатори што ги користеле раселените луѓе во Рафа, јужниот дел на Појасот Газа. 29 декември 2023 година.

Портпаролот на египетското Министерство за надворешни работи, Ахмед Абу Зеид, денеска изјави дека неговата земја има целосна контрола врз своите граници, откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара да се затвори границата на Египет со Газа пред да заврши војната.

Нетанјаху во саботата рече дека Израел не може да ја прекине војната против Хамас до затворање на коридорот Филаделфија, појас долг 14 километри што служи како граница меѓу Египет и Газа.

Во изјава за египетски ТВ канал, Абу Зеид рече дека по најавата на Нетанјаху дека Израел „нема да ја прекине војната доколку таа дупка не се затвори“, Каиро ќе продолжи да ја контролира границата со Газа, пренесе Бета.

Видете и ова: Израел ги отфрли обвинувањата за геноцид врз Палестинците пред судот во Хаг

Израелскиот лидер рече дека дури и ако Хамас биде поразен, „воената опрема и другото смртоносно оружје ќе продолжи да влегува низ јужниот отвор“, кој затоа мора да биде затворен.

Осврнувајќи се на влезот на камиони со хуманитарна помош во Појасот Газа, Абу Зеид рече дека „секоја одлука што го одложува влезот е израелска мерка, вклучително и прекумерна педантност во проверката на камионите, губење време во инспекцискиот процес, забрана за влез на медицинска опрема и спречување на влез на новинари и службеници.“ .

Во меѓувреме, обилните дождови на југот на Појасот Газа на границата со Египет поплавија десетици засолништа, јавуваат палестинските медиуми.

Како што е наведено, оштетени се неколку засолништа и училишта на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA) во јужниот дел на Газа, каде илјадници цивили се засолниле од војната.

Без засолниште останаа и раселените луѓе во Кан Јунис и Рафа, бидејќи силните ветрови ги уништија нивните шатори.