Откако САД и Велика Британија извршија поморски и воздушни напади врз воени цели на Хутите во Јемен – бунтовници поддржани од Иран, тие се заканија со одговор порачувајќи дека ова нема да помине без „казна или одмазда“.
Од Пентагон, пак, велат досега не виделе каква било одмазда од Хутите.
Секретарот за медиуми на Пентагон, генерал-мајор Патрик Рајдер изјави дека нападите на САД биле насочени кон одредени објекти и капацитети со цел да се попречат Хутите.
„Ние сме, се разбира, подготвени да одговориме соодветно“, додаде тој.
Рајдер рече дека е важно да се направи разлика помеѓу она што се случува во војната меѓу Израел и Хамас и она што се случува во Црвеното Море.
„Имате бунтовници Хути кои вршат индустриски напади врз меѓународните бродови – повеќе од 50 земји беа погодени од ова, што влијаеше на економскиот просперитет на многу земји. Значи, ова не е дел од конфликтот Израел-Хамас“, рече Рајдер.
Видете и ова: САД и Британија започнаа напади против Хутите во ЈеменХутите претходно изјавија дека го поддржуваат Хамас и дека од ноември ги напаѓаат комерцијалните бродови во Црвеното Море користејќи ракети, беспилотни летала, глисери и хеликоптери. Според нивните тврдења, бродовите што ги напаѓаат се поврзани со Израел.
За нападот на американските и британските сили над воени цели на Хутите, американскиот претседател Џо Бајден, на 12 јануари посочи дека била добиена поддршка и од Австралија, Бахреин, Канада и Холандија.
Тој рече дека нападот бил кон „голем број цели во Јемен што ги користеа бунтовниците Хути за да ја загрозат слободата на пловидба во еден од највиталните водни патишта во светот“.
„Овие напади се директен одговор на нападите без преседан на Хутите врз меѓународните поморски бродови во Црвеното Море--вклучително и употребата на противбродски балистички ракети за прв пат во историјата“, рече Бајден.
Британскиот премиер Руши Сунак, пак, кој на 12 јануари отпатува во ненајавена посета на Украина, од Киев изјави дека Велика Британија треба да испрати „силен сигнал“ дека нападите на бунтовниците Хути во Црвеното Море се погрешни и не можат да останат „неказнети“ како такви.
Тој посочи и дека целта на Велика Британија е „деескалација“ и „враќање на стабилноста“ во тој регион.
Видете и ова: Кои се јеменските Хути и зошто се нападнати?Сунак порача дека Велика Британија и нејзините сојузници нема да се двоумат да ја осигураат безбедноста на комерцијалниот превоз.
„Во текот на изминатиот месец видовме значително зголемување на бројот на напади на Хути врз трговски бродови во Црвеното Море. Ова ги става во опасност невините животи, ја нарушува глобалната економија и го дестабилизира регионот“, рече тој.
Претходно, поддршка стигна и од Берлин. Германското Министерство за надворешни работи (МНР) соопшти дека нападите на американските и британските сили имаат за цел да спречат понатамошни напади на бродовите од Хутите.
„Наша цел останува деескалација на тензиите и повторно воспоставување стабилност во Црвеното Море“, соопшти германското МНР.
Кина, пак, соопшти дека е загрижена поради ескалацијата на тензиите во Црвеното Море и повика на воздржаност. На редовен брифинг со новинарите, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг рече дека Пекинг „ги повикува сите релевантни страни да останат смирени и да покажат воздржаност за да се спречи ширењето на конфликтот“.
„Подготвени сме да комуницираме со сите страни и да ги деескалираме тензиите, со цел заедничко одржување на безбедноста на меѓународниот воден пат“, додаде тој.
Видете и ова: Варадкар: Треба да бидеме внимателни околу обвинувањата за геноцидВо меѓувреме, како што објави Ројтерс, САД воведоа санкции за две фирми од Хонг Конг и Обединетите Арапски Емирати, обидувајќи се да ја „скршат“ мрежата која ги финансира бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран.
Американското Министерство за финансии соопшти дека две фирми, Саид ал-Џамал и ИРГЦ-КФ, испорачувале ирански стоки во име на мрежата на финансиските посредници на Хутите и дека „приходите од продажбата на стоката ги поддржуваат Хутите и нивните континуирани напади на меѓународниот превоз во Црвеното Море и Аденскиот Залив“.