Варадкар: Треба да бидеме внимателни околу обвинувањата за геноцид

Премиерoт на Ирска, Лео Варадкар, на прес-конференција во Скопје, 12 јануари 2024 г.

Премиерот на Ирска, Лео Варадкар, зборувајќи за судскиот процес во Хаг против Израел, порача дека треба да се биде внимателен околу обвинувањата за геноцид.

За време на посетата на Скопје на 12 јануари, на прашање за тоа како ја коментира израелската одбрана дека судот нема право да бара прекин на огнот во Газа, Варадкар потенцираше дека Ирска притиска да дојде до прекин на огнот меѓу Хамас и израелските сили.

„Ние сè уште сме во ситуација дека треба да има прекин на огнот, но треба да бидеме внимателни околу користењето на поимот ’геноцид‘ и обвинувања за геноцид. Знаеме дека еврејското население во Европа беше предмет на геноцид и имаше план да се убијат сите и не сакам никој да се сомнева дека тоа било геноцид. И сите знаеме што направи Хамас во Израел – дека тоа беше страшен напад, беа убиени многу луѓе затоа што биле Евреи или затоа што се во Израел и Хамас зборува за уништување на Израел, а тоа укажува на јазик за геноцид“, изјави Варадкар.

Тој порача дека Ирска од првиот ден го осудила нападот на Хамас и земањето заложници, а доколку Израел ги прекршил меѓународните закони тогаш, посочи, треба да биде казнет за тоа.

Видете и ова: Израел ги отфрли обвинувањата за геноцид врз Палестинците пред судот во Хаг

За потсетување, Јужноафриканската Република ред Меѓународниот суд на правдата во Хаг го обвини Израел за геноцидни дејствија врз Палестинците. Израелската страна денеска, 12 јануари, во воведната изјава ги отфрли обвинувањата за геноцид. Израелскиот адвокат Тал Бекер побара случајот да биде отфрлен, нарекувајќи го „клевета“. Тој пред судот изјави дека Хамас го започнал насилството со својот ненадеен напад врз Израел на 7 октомври во кој загинаа повеќе од 1 200 луѓе и ја обвини оваа милитантна група дека ги крие своите борци и воени средства низ Газа во густонаселени цивилни области и дека користи џамии, домови, објекти на Обединетите нации и болници.

За судскиот процес во Хаг, ирскиот премиер вели дека треба да се даде време тој да тече и нагласи оти може да бидат потребни години за да се донесе одлука.

„Има луѓе кои велат дека овој случај е јасен, но е далеку од јасен и може на судот да му требаат многу години да одреди дали се случил геноцид или не. Она што може да го направи е да издаде наредба со тоа што ќе повика Израел да преземе некои дејства за да избегне случување на геноцид“, вели Варадкар.

Ирскиот премиер во Скопје зборуваше и за Хутите во Јемен откако САД и Велика Британија започнаа напади врз нивните воени цели, како одговор на нападите од Хутите врз бродови во Црвеното Море.

„Се плашам дека ова што веќе го гледаме е ескалација на конфликтот. Кога почна конфликтот во Газа видовме страшно насилство врз Палестинците, сега гледаме судир меѓу Израел и Хезболах, а ги гледаме и овие дејствија кои се случуваат на Црвеното Море. Ние сме многу загрижени дека ова може да ескалира во уште многу посериозен регионален конфликт во кој ќе се вклучат играчи како Иран и други“, рече Варадкар.

Видете и ова: Кои се јеменските Хути и зошто се нападнати?


Тој потенцираше дека „она што се случува во моментот на Црвеното Море е дека Хутите, кои се поддржани од Иран напаѓаат бродови кои минуваат низ тој коридор што е многу важен за светската трговија“.

„Резолуцијата на ОН 2722 повикува тоа да сопре и треба да сопре. Знам дека Американците и Британците веќе презедоа одредени дејства и според резолуцијата имаат право да го направат тоа, но важно е да се направи се што е можно за да се спречи повредување на цивили“, нагласи ирскиот премиер.

За нападот над цели на Хутите, американскиот претседател Џо Бајден, на 12 јануари посочи дека американските сили го извеле заедно со Обединетото Кралство и со поддршка од Австралија, Бахреин, Канада и Холандија.

Тој рече дека нападот бил кон „голем број цели во Јемен што ги користеа бунтовниците Хути за да ја загрозат слободата на пловидба во еден од највиталните водни патишта во светот“.

„Овие напади се директен одговор на нападите без преседан на Хутите врз меѓународните поморски бродови во Црвеното Море--вклучително и употребата на противбродски балистички ракети за прв пат во историјата“, рече Бајден.

Хутите, пак, велат дека нивните напади врз бродските рути во Црвеното Море се знак на поддршка за Палестинците и Хамас, исламистичката група која ја контролира Газа, во нејзината војна против Израел.