Израел ги отфрли обвинувањата за геноцид врз Палестинците пред судот во Хаг

Судии на почетокот на рочиштето пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг во случајот на тужбата на Јужноафриканската Република против Израел, 11 јануари 2024 година.

Израел ги отфрли обвинувањата од Јужна Африка дека неговата кампања против Хамас е геноцид врз палестинскиот народ, а неговите правни претставници велат дека „ако ништо друго, Хамас е виновен за геноцид“.

Израелскиот адвокат Тал Бекер побара случајот да биде отфрлен, нарекувајќи го „клевета“ во неговата воведна изјава пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг во петокот, 12 јануари.

Бекер пред судот изјави дека Хамас го започнал насилството со својот ненадеен напад врз Израел на 7 октомври во кој загинаа повеќе од 1 200 луѓе, покажувајќи слики од убиените.

Бекер го обвини Хамас дека ги крие своите борци и воени средства низ Газа во густонаселени цивилни области и дека користи џамии, домови, објекти на Обединетите нации и болници.

Тој, исто така, на судот покажа видео од функционерот на Хамас, Гази Хамад, кој вети дека ќе продолжи со нападите и ќе го уништи Израел.

Видете и ова: Најголемата болница во Газа успеа да ја обнови работата во некои одделенија

Бекер го отфрли бројот од над 23 000 загинати Палестинци како „непроверена статистика објавена од самиот Хамас“.

„Ако постои закана за палестинските цивили во Газа, тоа првенствено произлегува од фактот дека тие живееле под контрола на геноцидна терористичка организација која целосно ги занемарува нивните животи и благосостојба“, рече Бекер, кој е правен советник на израелското Министерство за надворешни работи.

Друг израелски правен застапник, Малколм Шо, ги отфрли обвинувањата на Јужна Африка дека израелските власти покажале „геноцидна намера“, нарекувајќи ги изјавите наведени од правниот тим на Јужна Африка „случајни цитати кои не се во согласност со владината политика“.

Тој ги отфрли како „емотивни објави за војна без правно значење“.

Шо рече дека воениот кабинет и војската на Израел „дејствувале во согласност со меѓународното право“ и „се обиделе да избегнат хуманитарна катастрофа во Газа“, повикувајќи се на изјави на највисоките израелски официјални лица.

Јужна Африка го обвини Израел за геноцидни дејствија врз Палестинците во четвртокот, 11 јануари, на почетокот на постапката пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, највисокиот суд на ОН, покрената против разорната воена кампања на Израел во Газа.

Јужна Африка бара итно запирање на израелската воздушна и копнена офанзива во палестинската енклава, чија цел е „уништување на населението“ од Газа.

„Израел има геноцидни намери врз Палестинците во Газа“, изјави пред судот Тембека Нгкукаитоби, претставник на Високиот суд на Јужноафриканската Република.

„Ова е очигледно од начинот на кој се изведуваат овие воени напади. Намерата да се уништи Газа беше иницирана на највисоко државно ниво“, истакна Нгкукаитоби.

На судското рочиште кое е во тек, Јужна Африка бара од судот итно да дејствува „за да го заштити палестинскиот народ од понатамошна, сериозна и непоправлива штета според Конвенцијата за геноцид, која продолжува неказнето да се прекршува“.

„Подавајќи ги рацете кон народот на Палестина, ние го правиме тоа со целосна свест дека сме дел од човештвото. Ова беа зборовите на нашиот основачки претседател Нелсон Мандела, ова е духот во кој Јужноафриканската Република пристапи кон Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид во 1998 година“, рече во воведниот говор на министерот за правда на Јужноафриканската Република, Роналд Ламола.

Насилството и уништувањето во Палестина и Израел не започнаа на 7 октомври 2023 година, потсети Ламола.

„Палестинците доживуваат систематско угнетување и насилство во изминатите 76 години, на 6 октомври 2023 година и секој ден од 7 октомври 2023 година“, рече тој.

Адила Хасим, која го застапува случајот на Јужноафриканската Република, рече дека ова е „случај што ја истакнува самата суштина на нашата заедничка хуманост како што е изразена во преамбулата на Конвенцијата за геноцид“.

„Јужноафриканска Република тврди дека Израел го прекршил членот 2 од Конвенцијата со извршување на дела кои потпаѓаат под дефиницијата за геноцид. Дејствата покажуваат систематски модели на однесување од кои може да се заклучи геноцид“, додаде таа.

Демонстранти пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг за случајот против Израел, Холандија, 11 јануари 2024 година.

Израел: Преторија како „правна рака“ на Хамас

Портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи Лиор Хајат рече дека Јужна Африка „делува како правна рака на Хамас“.

Хајат ја обвини Преторија дека „го игнорирала фактот дека терористите на Хамас влегле во Израел, убиле, колеле, силувале и киднапирале израелски граѓани, само затоа што се Израелци, во обид да извршат геноцид“, пишуваат израелските медиуми.

Тој на платформата Х објави дека Јужна Африка „се стреми да му дозволи на Хамас да се врати за да ги изврши воените злосторства, злосторствата против човештвото и сексуалните злосторства што ги изврши на 7 октомври“.

Покрај тоа, тој ги означи јужноафриканските адвокати како „претставници на Хамас на суд“.

„Јужна Африка, која делува како правна рака на терористичката организација Хамас, целосно ја искривува реалноста за Газа по масакрот на 7 октомври“, се додава во соопштението на израелското министерство и се најавува дека „државата Израел ќе продолжи да ги брани нејзините граѓани во согласност со меѓународното право“.

Портпаролот на израелската влада Ајлон Леви ја спореди тужбата со вековната антисемитска теорија на заговор која лажно ги обвинува Евреите за ритуално убивање бебиња.

„Државата Израел ќе се појави пред Меѓународниот суд на правдата за да ја отфрли апсурдната крвна клевета на Јужна Африка, бидејќи Преторија му дава политичко и правно покритие на режимот на силувачи на Хамас“, рече Леви.

Видете и ова: Израел ќе се соочи со обвиненијата за геноцид во Газа пред судот во Хаг

„Сакам да објаснам неколку работи: Израел нема намера трајно да ја окупира Газа или да го раселува цивилното население“, напиша израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на социјалната мрежа Х.

Тој додаде дека Израел води војна против палестинските милитанти, а не против палестинскиот народ и „тоа го прави во целосна согласност со меѓународното право“.

Критика од еврејската заедница во Јужна Африка

Еврејската заедница во Јужна Африка ги обвини властите во земјата за двојни стандарди.

„Двојниот разговор и двојните стандарди на Јужна Африка се евидентни и со нејзината цврста решеност да остане неутрална и да ’разговара со двете‘ страни во руско-украинската војна“, се вели во соопштението, додавајќи дека оваа држава постојано презема казнени мерки против Израел.

„Вклучувајќи го и одбивањето да му се изрази сочувство на Израел по масакрот на 7-ми октомври, затворањето на амбасадата (во Израел), издавањето демарш до израелскиот амбасадор и сега покренувањето постапка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата“, соопшти Еврејската заедница.

Оттаму додаваат дека жалат за сите цивилни жртви и дека ги поддржува сите иницијативи кои би довеле до мир.

„Хамас ја започна оваа војна. Хамас може да ја заврши. Јужноафриканската Република може да игра улога во олеснувањето на тој процес“, оценува Еврејската заедница.

Видете и ова: Зголемен ризик од ширење на војната на Блискиот Исток по атентатот врз лидер на Хамас

Израел ја започна сеопфатната војна по прекуграничното дивеење на милитантите на Хамас на 7 октомври, во кое израелските власти соопштија дека 1 200 луѓе биле убиени, а 240 биле земени како заложници во Газа.

Министерот за правда на Јужноафриканската Република, Роналд Ламола, рече дека Јужна Африка го осудува нападот на Хамас на 7 октомври, но додаде дека секој напад, дури и оној кој вклучува грозоморни злосторства, не е оправдување за кршење на Конвенцијата за геноцид.

По апартхејдот, Јужна Африка долго време ја бранеше борбата на палестинскиот народ за своите права. Тој однос беше воспоставен кога борбата на Африканскиот национален конгрес против владеењето на белото малцинство беше поддржана од Организацијата за ослободување на Палестина на Јасер Арафат.

Хамас: Хашкиот суд да се спротивстави на израелскиот притисок

Официјалниот претставник на Хамас, Сами Абу Зухри, изјави за Ројтерс дека групата со голем интерес ја следи постапката во Меѓународниот суд на правдата.

„Правдата ќе биде ставена на тест денеска. Го повикуваме судот да отфрли секаков притисок и да донесе одлука за криминализирање на израелската окупација и запирање на агресијата врз Газа“, рече Зухри.

Организацијата за ослободување на Палестина, која го контролира Западниот Брег, истакнува дека процесот во Хаг е „историски настан во процесот на заедничката палестинска и јужноафриканска борба против неправдата и геноцидот“.

Поделени меѓународни реакции

И меѓународната заедница е поларизирана околу овој случај. Неколку западни земји му се придружија на Вашингтон во оценката дека обвинувањата за геноцид против Израел се неоправдани, не само поради немилосрдните напади на Хамас кои ја забрзаа војната.

„Всушност, оние кои насилно го напаѓаат Израел продолжуваат отворено да повикуваат на уништување на Израел и масовно убивање на Евреите“, изјави портпаролот на Стејт департментот Мет Милер.

Унгарија е меѓу земјите кои се против хашкиот процес.

„Да се обвини земја која претрпе терористички напад за геноцид е очигледно глупост. Ставот на Унгарија останува непроменет: Го поддржуваме правото на Израел на самоодбрана“, рече шефот на унгарската дипломатија Петер Сијатро.

Видете и ова: Блинкен побара од Нетанјаху „да се избегне дополнителна штета за цивилите во Газа“

Но, некои земји во развој, вклучително и Бразил, ја поддржаа иницијативата на Јужноафриканската Република.

Организацијата за исламска соработка го поздрави покренувањето на случајот од Јужноафриканската Република, а поддршка искажаа и некои други земји.

Белгиската вицепремиерка Петра Де Сутер сака нејзината земја „да преземе чекори пред Меѓународниот суд на правдата, по примерот на Јужноафриканската Република“.

Од нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа најмалку 1 200 луѓе, во израелските напади, според Министерството за здравство управувано од Хамас, загинаа повеќе од 23 000 Палестинци во Газа од кои 70 отсто се жени и деца.

Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) процени дека 1,9 милиони луѓе се раселени поради војната во Газа, речиси 85 отсто од населението, додека десетици илјади згради се уништени.

„Делата и пропустите на Израел за кои се жали Јужноафриканската Република се од геноциден карактер бидејќи имаат за цел да доведат до уништување на значителен дел од палестинското население“, се наведува во писменото барање испишано на 84 страници од Јужноафриканската Република до судот за поведување постапка.

Случаите за геноцид, кои инаку тешко се докажуваат, може да траат со години, но Јужна Африка бара од судот итно да спроведе „привремени мерки“ и „да му нареди на Израел да престане да убива и да нанесува страдања и болки на палестинскиот народ во Газа“.

Барањето, исто така, повикува на прекин на ограничувањата за испорака на помош, како и забрана на израелските директиви за евакуација.

Видете и ова: САД ја отфрлија можноста за иселување на Палестинците од Газа

Бидејќи случајот го привлече глобалното внимание, поддржувачите на двете страни планираат собири во Хаг.

Илјадници про-израелски демонстранти маршираа на ниски температури рано во четвртокот во центарот на градот, носејќи израелски и холандски знамиња и постери со слики на луѓе земени како заложници од Хамас.

Меѓународниот суд на правдата се очекува да донесе одлука за можни итни мерки кон крајот на овој месец. Судот тогаш нема да одлучува за обвиненијата за геноцид – тој процес може да трае со години.

Одлуките на Меѓународниот суд се конечни и не се обжалуваат – но нема начин да се извршат.