Ниските стапки на вакцинација против најновите видови на ковид-19 и грип вршат притисок врз здравствените системи оваа зима, изјавија од Светската здравствена организација (СЗО) за Ројтерс.
Во Соединетите Американски Држави (САД), неколку европски земји и други делови од светот, во последните недели има зголемување на бројот на хоспитализации поврзани со респираторни инфекции.
Стапките на смртност кај постарите лица исто така се зголемија во некои региони, но далеку помалку отколку што имаше кога пандемијата на ковид-19 беше на врвот.
Видете и ова: Зошто се враќа големата кашлица?Шпанската влада повторно ја воведе обврската за носење маски во здравствените установи. Таква мерка преземаа и некои болници во САД.
„Премногу луѓе имаат потреба од сериозна медицинска помош за грип, за ковид-19, а ние можеме да го спречиме тоа“, рече Марија Ван Керхове, привремен директор за подготвеност за епидемии и пандемии на Светската здравствена организација.
Таа предупреди дека има „неверојатно ниска“ стапка на вакцинација против грип и ковид-19 во многу земји оваа сезона, додека светот се обидува да ја надмине пандемијата и сите ограничувања.
За владите е предизвик да укажат на ризиците што сè уште ги носи ковид-19, како и придобивките од вакцинацијата, од минатиот јули кога беше прогласен крајот на пандемијата, велат експертите за заразни болести и здравствените власти.
Видете и ова: Расте бројот на заболени од грип и ковид 19Само 19,4 отсто од возрасните во САД оваа сезона примиле вакцина против ковид-19, според Центарот за контрола на болести на САД (ЦДЦ) и Националното истражување за вакцинација, и покрај препораката сите возрасни да добијат нова доза за заштита од вирусот, со што би се заштитиле од сериозни симптоми на болеста.
„Луѓето сè уште не сфаќаат дека Ковид-19 е сè уште посериозна болест од грипот“, рече директорот на ЦДЦ Менди Коен.
Во декември, глобално беа пријавени 850 000 нови случаи на ковид-19 и 118 000 хоспитализации, што претставува зголемување за 52 отсто и 23 отсто, соодветно, во споредба со ноември, соопшти СЗО, предупредувајќи дека реалните бројки веројатно ќе бидат повисоки.