Светската здравствена организација (СЗО) објави дека најголемата болница во Појасот Газа, тешко погодена од војната меѓу Израел и Хамас, успеала да ја обнови работата во некои одделенија.
Како што објави синоќа генералниот секретар на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на платформата Х (поранешен Твитер), заедно со своите партнери, успеале да стигнат до болницата Ал-Шифа на северот на Газа и да достават 9 300 литри гориво и медицински материјали со цел да се лекуваат околу 1 000 ранети лица и пациенти на дијализа.
Тимот на агенцијата на ОН увиде дека болницата повторно може да лекува пациенти благодарение на медицинскиот тим од 60 лица.
Во Ал-Шифа повторно има 40 кревети во одделот за хирургија и општа медицина, одделението за итни случаи и четири операциони сали, прецизираше шефот на СЗО, чија организација кон средината на декември објави дека се пружа помош на стотици ранети на терен, и дека најтешките случаи и покрај опасноста се евакуираат во друга болница.
Видете и ова: Израел ќе се соочи со обвиненијата за геноцид во Газа пред судот во ХагИсто така, беше констатирано дека болницата Ал-Шифа повторно има гинеколошко-акушерско-радиолошки оддел, ограничен капацитет за хемодијализа и минимален капацитет за анализа.
„Повторно инсистираме дека здравствената заштита мора да биде сигурна и никогаш да не биде гаѓана, ниту милитаризирана“, нагласи генералниот директор на СЗО.
Болницата Ал-Шифа беше во центарот на интензивните бомбардирања, а потоа и копнените борби во првите недели од војната меѓу Израел и милитантната организација Хамас.
Израелската војска верува дека Ал-Шифа е главниот команден центар за операциите на Хамас во Појасот Газа, што екстремистичката организација го негираше.
Војната беше предизвикана од невидениот напад врз јужен Израел од страна на палестинските екстремисти предводени од Хамас на 7 октомври, во кој загинаа 1 140 луѓе, повеќето цивили.
Најмалку 23 469 лица, пак, загинале во израелските воени операции во Газа, главно жени, деца и малолетници, покажуваат податоците на тамошното министерство.
Здравствениот систем во Газа е на работ на колапс, според СЗО.
Хуманитарната состојба на таа мала палестинска територија е неопислива, а испораката на помош е соочена со речиси непремостливи пречки, предупреди првиот човек на СЗО.