Грција го расчисти убиството на македонскиот државјанин на Халкидики

По убиството на македонски државјанин на Халкидики, пиштолот бил пронајден во непосредна близина

Грчката полиција го расчисти убиството што на 15 јули 2023 година се случи во вила на Халкидики, кога смртно беше застрелан 39-годишен македонски државјанин, а уште еден 45-годишник, беше ранет.

Станува збор за лице кое е осомничено и за двојното убиство во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија во март лани. Грција ќе бара и негова екстрадиција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштија дека по методична и детална истрага „идентификуван е странски државјанин, кој лани во јули заедно со неговиот соучесник, пукал и смртно ранил странски државјанин, нивен сонародник и повредиле уште еден нивни сонародник, кои биле на одмор на Халкидики“.

Истрагата, веднаш по убиството била проширена на поширокото подрачје, што резултирало со откривање на рутата на сторителите при нивното бегство, а на оддалеченост од неколку стотини метри од вилата, во непроодна област, бил пронајден пиштолот со придушувач и шаржер, волнена капа и ракавици со траги од барут.

Видете и ова: Брутални убиства и насилства - расте чувството на небезбедност

Од лабораториски испитувања и анализи на наодите, утврдено било дека пиштолот бил користен во конкретното кривично дело.

„Според собраните информации, се чини дека мотивот на кривичното дело е поврзан со ривалство помеѓу две криминални групи кои главно се занимаваат со трговија со дрога и се со седиште во земјата од каде што потекнуваат. Горенаведениот странски државјанин е уапсен и е задржан во притвор во својата земја, како осомничен за негово учество во убиството на две лица, што се случи лани во март во нивната земја. Против него е распишана европска потерница и се преземаат потребните дејствија за негова екстрадиција во нашата земја“, соопштија од грчката полиција.

Оттаму додаваат дека истрагата продолжува за идентификување на останатите соучесници или други инволвирани лица.

Од грчката полиција потсетуваат дека во раните утрински часови на 15 јули 2023 година, на Халкидики, две лица, со прекриени лица, се приближиле до вилата и со употреба на огнено оружје пукале внатре во објектот, што резултираше со смртоносна повреда на еден 39-годишен и рана на 45-годишник, кои во вилата престојувале со уште тројца нивни сонародници.

Веднаш по убиството, во околината биле пронајдени 19 чаури.

Како што пишуваа повеќе медиуми по убиството лани, убиениот се сметаше за еден од главните водичи на криминалната група „Дуќанџик“.