ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничка влада, односно ќе именува луѓе што треба да бидат министри и заменици министри, соопшти потпретседателот на партијата Тимчо Муџунски, по вечерашниот состанок на Извршниот комитет на опозициската партија.
Техничката влада треба да ја предводи земјата 100 дена пред избори. Но од најголемата опозициска партија се уште не одлучиле кој ќе ги претставува во техничката влада. Имињата на министрите и заменик-министрите ќе ги кажат по празникот Водици, кој се одбележува на 19 јануари.
Од ВМРО-ДПМНЕ на седницата донеле одлука во Собранието пратениците да се воздржат од гласање на техничка влада, која како што рече Муцунски, под водството на Талат Џафери „нема никаков легитимитет истата е само коалициски договор меѓу СДСМ и ДУИ“.
Техничката влада треба да се избере на 28 јануари, а според договорот од лидерската средба на 4 декември 2023, првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, на 8 мај ќе има двојни избори – втор круг претседателски и парламентарни избори.
Според Законот за таканаречена Пржинска влада, опозицијата треба да има двајца министри(за внатрешни работи и за труд и социјала) и тројца заменици министри (за финансии, за администрација и за земјоделство).