О’Брајан - На Западен Балкан му треба економска интеграција, регионот мора да стабилен и безбеден

Џејмс О'Брајан, помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД) за европски и евроазиски прашања.

Руската инвазија на Украина и состојбите на Западен Балкан беа во фокусот на Џејмс О'Брајан, помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД) за европски и евроазиски прашања, кој на 11 јануари одржа брифинг со новинари и медиуми.

О'Брајан е поранешен шеф на Канцеларијата за координација при Стејт Департментот. Тој на брифингот зборуваше за ситуацијата на северот на Косово, изборите во Србија, за идејата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик за сецесија, и за руската инвазија на Украина.

Зборувајќи за Западен Балкан, О'Брајан рече дека тој мора да биде стабилен, безбеден и европски и дека на земјите од овој регион им е потребна економска интеграција за да не се селат луѓето во Европа и на други места.

Тој рече дека САД ги поддржува напорите на Европската унија овие земји да се движат по реформскиот пат кој ќе им овозможи да имаат пристап до единствен пазар што е можно поскоро.

Белград и Приштина да избегнуваат провокативни акции на северот на Косово

Американскиот дипломат рече дека Вашингтон нема да дозволи повторување на насилните настани на северот на Косово, по нападот во Бањска минатата година.

Тој ги повика Белград и Приштина да избегнуваат провокативни акции на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население. Посочи и дека косовската полиција добро соработува со ЕУЛЕКС и НАТО Алијансата и додаде дека комуникацијата со Белград овозможила смирување на ситуацијата на северот.

Додик го оттргнува вниманието од проблемите со „националистичкиот циркус“

Зборувајќи за ситуацијата во Босна и Херцеговина, О'Брајан рече обидот на претседателот на Република Српска, Додик со „националистички циркус“ да го одвлече вниманието од вистинските проблеми во БиХ не се во интерес на земјата. Тој истакна дека „БиХ особено страда од одлив на мозоци“ и дека „речиси половина од населението не живее во земјата“.

„Ова е криза, политичарите треба да се справат со ова. Наместо тоа, гледаме дека на политичарите им недостасува леб и идеи - и наместо тоа нудат циркус“, рече американскиот функционер.

Тој нагласува дека тоа „посебно е видливо кај господинот Додик и неговото одбележување на Денот на РС на 9 јануари, кој се обидува да го одвлече вниманието од важните прашања“.

На темата за заканите на Додик дека ќе прогласи независност, О'Брајан истакнува дека бил во Дејтон и дека работел заедно со страната на Босна и Херцеговина на изготвувањето на Уставот на Босна и Херцеговина (што е Анекс 4 од овој договор, со кој заврши војната во Босна и Херцеговина).

„Неговите разговори за отцепување беа експлицитно отфрлени во првичниот Дејтонски договор. Тоа е глупост и е противуставно“, категоричен е О'Брајан.

САД ги поздравуваат мирните протести во Србија, очекуваат јасен извештај за изборите

О'Брајан рече дека Соединетите Американски Држави (САД) ги поздравуваат мирните протести предводени од дел од опозицијата во Србија, но очекуваат и јасен извештај за резултатите од изборите, откако меѓународните набљудувачи укажаа на бројни нерегуларности.

Тој рече дека САД сакаат да видат вистински процес „кој ќе одговори на загриженоста и ќе обезбеди јасен извештај за резултатите од изборите“.

Опозициските партии собрани во коалицијата „Србија против насилството“ протестираат од 18 декември барајќи поништување на изборите на сите нивоа, за кои сметаат дека се украдени.

„Мораме да се погрижиме Украина да победи“

О'Брајан зборуваше за Украина и го цитираше американскиот претседател Џо Бајден, велејќи дека „мораме да се погрижиме Украина да победи во војната, тоа е нашата цел, и ние сме посветени да бидеме со Украина и да работиме со нив на тоа“.

Тој посочи дека Украина ги избрала демократијата, владеењето на правото и патот кон Европа, а „Русија одлучи да се спротивстави на тој пат, со прекршување на Повелбата на ОН и индивидуалните права на многу Украинци“.

Руската инвазија на Украина, која започна на 24 февруари 2022 година, се приближува на својата втора годишнина, а борбите продолжуваат.