Мерки куќен притвор, одземање на пасоши и забрана за одржување на контакти меѓу осомничените и оштетениот за четирите лица поврзани со случувањата во Македонска навигација (М-НАВ) донесе попладнето на 11 јануари Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје.
Меѓу четирите лица е и Бекир Незири, советник во М-НАВ и член на ДУИ. За него и останатите тројца осомничени за инцидентот со упадот во М-НАВ Судот претходно определи мерки на претпазливост, по што Јавното обвинителство поднесе жалба.
Советот, како што е наведено во соопштението, делумно ги прифаќа жалбите на Обвинителството и им определи мерка куќен притвор на четирите лица во траење од 30 дена, како и дополнителни мерки на претпазливост.
Од Судот посочуваат дека надзорот над куќниот притвор, согласно решенијата е во надлежност на МВР, а против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 24 часа од приемот на решенијата.
„Сметаме дека е потребно да нагласиме дека според сите досега доставени факти и податоци, конкретниот настан не се случил во контролната кула, односно просторијата од каде се врши навигацијата, туку во просторијата која е одвоена со најмалку две безбедносни влеза пред кулата. Но, како што нагласивме во претходното соопштение, факт е дека осомничените презеле одредени дејствија кои е потребно дополнително да се истражат за да се утврди фактичката состојба“, се наведува во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
За овој настан се уште се трага по уште четворица, а по централен распис на територија на државата.
Бранителот на Беким Незири, адвокатот Еленко Миланов во изјава за медиуми пред Кривичен суд, претходно денеска, рече дека целиот настан и „фамата околу настанот“ започнала со „дезинформација“, а тоа е дека „настанот се случил во контролната кула на М-НАВ“.
За упадот во објектот на Контролата на летање на Меѓународниот аеродром Скопје, Владата по седницата одржана на 9 јануари даде насоки за смена на раководните функции и спроведување на вонреден инспекциски надзор и ревизија на досегашното работење, додека за инцидентот, Јавното обвинителство отвори истрага против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Упадот во М-НАВ се случи на 4 јануари веднаш по прес-конференцијата на претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, на која тој информираше дека контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ ќе поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.