Директорот на агенцијата за конфискуван имот, Дритон Небиу, попладнево, во изјава за неколку медиуми, информираше дека становите кои во судска постапка му беа запленети на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, на јавно наддавање ги купила фирмата Бест веј инвесмент, соптвеност на неговиот син Јордан Мијалков.
Овие станови, кои се наоѓаат на Водно, на улицата Славејко Арсов, во непосредна близина на куќата на Сашо Мијалков, беа конфискувани во случајот „Империја“. Се работи за три станови кои Бирото за вештачење ги процени на 330.200 евра.
Пред неколку месеци овој имот се продаде за вкупна цена од 332.276 евра, но новиот сопственик не беше откриен, за што денеска Небиу рече дека „во тоа време ги немал тие информации“.
Видете и ова: Американската и британската црна листа ќе влезат во македонските закониСпоред него, Законот спречува само осуденото лице да не учестувува на продажбата на запленетиот имот, но не и неговата фамилија. Небиу неодамна објави дека „вработените во Агенцијата се мета на вознемирување и заплашување, поради обидите да го продадат конфискуваниот имот“.
Во случајот „Империја“, Сашо Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот Мериот.