Тројца инспектори од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) на 11 јануари почнаа инспекциски надзор во М-НАВ, соопшти директорката на Инспекторатот Весна Томовска.
М-НАВ е компанија во државна сопственост, која делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија.
Бидејќи документацијата е обемна и голема инспекторите и утре ќе вршат надзор, вели директорката. Таа вели дека ќе ја разгледуваат документацијата околу вработувањата, како и тоа дали синдикатот има најави за штрајк согласно Законот.
Почетни информации за надзорот може да се очекуваат за повеќе од една недела, бидејќи инспекторите мора да ја разгледаат обемната документација, а потоа ќе разговораат и со синдикалниот лидер, вели Томовска.
Видете и ова: Кривичен одлучува по жалбата на ОЈО, адвокатот на Незири вели тој немал придонес во упадот во М-НАВИнспекторите на ДИТ во М-НАВ влегоа по последните настани во оваа институција кои резултираат со смена на двајца од тројцата директори, по што најавениот штрајк на Синдикатот на контрола на летање е ставен во мирување.
Околу Нова година вработени во М-НАВ и еден од директорите најавија откази поради последниот оглас за вработувања во оваа институција. Тие обвинија дека директорите донеле одлуки за вработување на несоодветен кадар кој не ги исполнува законските критериуми и потребни знаења. Потоа имаше упадот во објектот на Контролата на летање на Меѓународниот аеродром Скопје, по што Јавното обвинителство отвори истрага против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.