Нема празници за вработувања во администрација, нови огласи за над 500 луѓе
Нема празник-делник кога се работи за вработување. На почетокот на годината најголем работодавец е Владата. Повеќе од 500 административци се бараат на огласите распишани во последните денови од минатата и во првите од годинава, покажуваат податоците на Агенцијата за администрација.
Платите зависат од работната позиција, па се нудат работни места и за минимална плата, а во некои институции платите достигнуваат и од неколку десетици илјади денари.
Опозицијата обвинува за предизборен поткуп, а власта, пак, вели дека има реална потреба од нов кадар во јавната администрација, како и дека треба да им се даде вработување на неопределено на оние административци кои со години не им е решен статусот.
По којзнае кој пат холандскиот амбасадор во Северна Македонија, Дирк Јан Коп, не' искара за реформите. Овој пат на средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сериозната забелешка беше за владеењето на правото, а во однос на критиките за притисоци кон Врховниот суд: „По двегодишен постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар“. Власта веднаш го крена гардот. За шефот на дипломатијата и потпретседател на ДУИ, „олигархијатата, а не политиката е виновна за пад на владеење на правото“. Премиерот Димитар Ковачевски за коментарите на Коп, пак, рече: „Ако некој бил под притисок, тоа треба да го каже со име и презиме“.
Голем дел од учениците заминаа на зимски распуст без да ги имаат пред себе сите учебници за актуелната 2023/24 учебна година. И новата учебна година започна со стари проблеми, како и во изминатите две, сите учебници не беа испорачани навреме и покрај редовните најави од министерот за образование и наука Јетон Шаќири дека „учебниците ќе се испорачаат следната недела или до крајот на месецот“.
„Ова е хорор филм, толку реформи, а учебници нема. Па, во наше време не беше вака. Се снаоѓаме на интернет, со помошни материјали, но ова досега не сум го видела да се остане цела година без учебници е преседан“, вели Емилија Пеева, мајка на шестоодделенец од скопското основно училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопски Аеродром.
Се чека и за пасоши, лични карти...
Граѓани, компании, судови, нотарски канцеларии, матични служби и низа други институции збунето чекаат насоки за тоа дали можат да работат со личните карти на граѓаните на кои стои старото име на државата и по 12 февруари, рокот до кој сите граѓани на Република Северна Македонија треба да имаат лични документи со новото име на државата во согласност со Преспанскиот договор со Грција што стапи на сила во 2019 година.
Во меѓувреме, премиерот Димитар Ковачевски најави дека Владата ќе ја разгледа опцијата да го продолжи рокот за замена на документите до септември или октомври, предлог што го даде претседателот Стево Пендаровски поради, како што изјави во телевизиско интервју, „срамното и непотребно понижување на македонските граѓани“.
„Вандализмот“ во М-НАВ последен во низата скандали поврзани со ДУИ
Се чека и во македонската Контрола на летање. А таму има најмалку време за чекање, особено по упадот во просториите на М-НАВ и нападот врз вработени.
Случајот со упадот во М-НАВ е уште еден доказ за „вандализмот„ од редовите на ДУИ, вели за РСЕ аналитичарот Благојче Атанасоски. Коалициониот партнер СДСМ молчи, опозицијата не е изненадена. Додека „македонското небо“ е во неизвесност, Владата ќе чека да поминат празниците па да менува директори како единствена мерка. По инцидентот беше приведен и висок функционер на владејачката ДУИ.
На „чекање“ е и најавениот штрајк на синдикалците и контролорите на летање кои бараат расчистување на случаите со „партиски вработувања во оваа институција“.
Од светската сцена и понатаму фокусот е на војната на Израел и Хамас и војната во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли можноста за прекин на огнот со Русија. Тој вели дека тоа нема да доведе до суштински напредок во војната и само ќе ја фаворизира Москва со тоа што ќе и даде време да го зголеми снабдувањето на нејзината војска, како што конфликтот се приближува до втората годишнина.
„Дајте и на Русија две до три години и таа едноставно ќе не прегази. Ние не би го презеле тој ризик... Нема да има паузи во корист на Русија... Паузата би била во полза (на Русија)..., а може нас подоцна да не скрши“, рече Зеленски.
Какви луѓе ќе ни станат децата?
И после сето ова, многумина ќе се запрашаат - Каква младина создава денешното општество.
А за тоа каква младина создава денешното општество, какви реформи се превземаат во образовниот сектор и како влијае улогата на технологијата врз учениците разговаравме со Наде Молеровиќ, долгогодишен просветен работник, директорка во две основни училишта, која никогаш не престанала да биде учител.
„Отсекогаш ми било многу поважно какви луѓе ќе станат моите ученици отколку какви оценки ќе добијат на тестовите“, вели во поткастот „Зошто?“ на РСЕ, професорката Молеровиќ.