Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје денеска одлучува по жалбата на Основното јавно обвинителство - Скопје против решенијата на судии од претходна постапка од 5 јануари, со кои на четири лица им определи мерки на претпазливост за инцидентот со упадот во М-НАВ.
За нападот во зградата на М-НАВ и напад на вработени, Кривичниот суд им одреди мерки за претпазливост на Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ, како и на уште три лица, иако Јавното обвинителство бараше притвор, на што обвинителството поднесе жалба.
За останатите четворица, како што информираат од Обвинителство, се уште се трага по централен распис на територија на државата.
Обвинителот Дејан Петрески, во изјава за Канал 5, рече дека обвинителството останува на ставот дека Судот за овој случај треба да определи посилни мерки за четворицата осомничени.
„По повод поднесената жалба од ОЈО Скопје беше одржана јавна седница, на која Обвинителството остана на сите наводи, претходно детално образложени во предлогот за определување на мерка притвор, како единствена мерка за обезбедување присуство неопходна во оваа фаза од кривичната постапка. Детално ги образложи, како наводите во писмениот предлог, така и во наводите во жалбата, и во овој момент обвинителството смета дека неопходна мерка за обезбедување присуство на осомничените во текот на кривичната постапка е токму мерката притвор“, изјави Петрески.
Видете и ова: Кривичен во рок од 48 часа ќе донесе одлука по жалбата од ОЈО за упадот во М-НАВЗа останатите четворица осомничени, Петрески, посочи дека активно се преземаат мерки за нивно обезбедување, но и за идентификување на останатите лица и нивно обезбедување во текот на кривичната постапка.
Бранителот на Беким Незири, адвокатот Еленко Миланов во изјава за медиуми пред Кривичен, рече дека целиот настан и „фамата околу настанот“ започнала со „дезинформација“, а тоа е дека „настанот се случил во контролната кула на М-НАВ“.
„Во овој настан ниту има нешто што се случува во контролната структура, ниту има нешто што се случува во близина на таа контролна кула, ниту пак е поврзано со лице коешто во тој момент требало да извршува свои обврски во контролната кула. Тоа е првото и основно нешто што ја направи целата оваа фама и разногласие“, вели тој.
Незири, посочи Миланов, се јавил во рок од половина час по поканата во полициска станица и дал изјава.
„Тој е тука. Еве и денеска се појави пред судот што јасно укажува дека ниту мисли да бега, туку сака да го докаже она што реално се случило во кое тој нема апсолутно никаков придонес, затоа што и тој настан се случува зад неговиот грб, од други лица, без негово учество, ниту пак од страна на лице кое што влегува со него во зградата на М-НАВ“, рече Миланов за медиумите.
Видете и ова: Штрајкот на контролорите на летање во мирување до конечни оставки на директоритеЗа упадот во објектот на Контролата на летање на Меѓународниот аеродром Скопје, Владата по седницата одржана на 9 јануари даде насоки за смена на раководните функции и спроведување на вонреден инспекциски надзор и ревизија на досегашното работење, додека за инцидентот, Јавното обвинителство отвори истрага против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Упадот во М-НАВ се случи на 4 јануари веднаш по прес-конференцијата на претседателот на ССКЛ, Александар Тасевски, на која тој информираше дека контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ ќе поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.