Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли можноста за прекин на огнот со Русија. Тој вели дека тоа нема да доведе до суштински напредок во војната и само ќе ја фаворизира Москва со тоа што ќе и даде време да го зголеми снабдувањето на нејзината војска, како што конфликтот се приближува до втората годишнина.
„Пауза на украинското бојно поле нема да значи пауза во војната“, рече на 11 јануари, украинскиот лидер во главниот град на Естонија, Талин. Тој е на турнејата низ балтичките земји.
„Дајте и на Русија две до три години и таа едноставно ќе не прегази. Ние не би го презеле тој ризик... Нема да има паузи во корист на Русија... Паузата би била во полза (на Русија)..., а може нас подоцна да не скрши“, рече Зеленски.
Зеленски ги замоли сојузниците на Украина да продолжат да ја снабдуваат со оружје поради знаците на замор на донаторите во некои земји и додека Русија се свртува кон земји како Иран и Северна Кореја за муниција.
Сојузниците на НАТО на состанокот во Брисел на 10 јануари се обидоа да ја смират загриженоста на Киев за снабдувањето, велејќи дека ќе продолжат да и обезбедуваат на Украина голема воена, економска и хуманитарна помош.
Сојузниците на НАТО ги истакнаа плановите за обезбедување „милијарди евра дополнителни капацитети“ на Украина во 2024 година, се вели во соопштението на Алијансата.
Естонскиот претседател Алар Карис по средбата со Зеленски изјави дека неговата земја ќе обезбеди 1,2 милијарди евра (1,31 милијарди долари) помош за Украина до 2027 година.
„На Украина и треба повеќе и подобро оружје“, рече Карис на заедничката прес-конференција со Зеленски.
„Мора да се зголемат можностите на воената индустрија на ЕУ за Украина да го добие она што и треба, не утре, туку денес. Не треба да поставуваме никакви ограничувања за испораката на оружје за Украина“, додаде тој.
Естонија досега и пружила воена помош на Украина во вредност од речиси 500 милиони евра, или повеќе од 1,4 отсто од нејзиниот бруто домашен производ, според Министерството за надворешни работи на малата балтичка членка на НАТО и ЕУ.
Балтичките земји се цврсти сојузници на Украина од почетокот на неиспровоцираната инвазија на Русија во февруари 2022 година.
На 10 јануари, Зеленски разговараше во Вилнус со литванскиот колега Гитанас Наузеда.