Османи контра Коп - Олигархијатата, а не политиката е виновна за пад на владеење на правото

Бујар Османи - Министер за надворешни работи на Северна Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека има поразлични ставови од холандскиот амбасадор во земјата, кој вчера критикуваше дека политиката е виновна за континуираниот пад на владеењето на правото во државата.

„Од наша страна повеќе сметаме дека има одредено влијание на олигархијата во критични точки во системите во државата, коишто се многу погласни отколку кое било евентуално политичко влијание“, вели Османи.

Тој денеска имаше брифинг со новинари, по што даде куса изјава.

Одговарајќи на прашање дали критиката на холандскиот амбасадор Дирк Јак Коп, кој вчера се сретнал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети е критика насочена кон партијата, Османи, вели дека „ДУИ е една од партиите коишто најмногу зборуваат за борбата против корупција, па веројатно ќе се бара и поддршка од страна на ДУИ“.


Холандскиот амбасадор на средбата со Ахмети порачал дека Холандија е загрижена за континуираниот пад на владеењето на правото во Северна Македонија, објави потоа амбасадата.

„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да ја пренесе пораката дека по двегодишен постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар. Исто така, неприфатливо е несоодветното политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“, стои во објавата на холандската амбасада на Фејсбук.

Видете и ова: Холандскиот амбасадор се сретна со Ахмети: Неприфатливо е политичко влијание врз претседател на Врховен суд

Османи вели дека со амбасадорот имаат и концептуални разлики за тоа како може да се постигне владеење на правото.

„Амбасадорот смета дека може да се постигне европски стандард и без земјата да биде дел од Европската унија, а јас сметам дека ние не можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право без процес на преговори. Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ р директна причина за неможност за постигнување на тој европски стандард“, вели Османи.

Холандскиот амбасадор реагираше за случувањата со претседателката на Врховен суд, откако Судскиот совет на иницијатива на членот Миљазим Мустафа започна постапка за утврдување дисциплинска одговорност на претседателката на Врховен, Беса Адеми.

Видете и ова: (Не)разрешувањето на Беса Адеми - нов испит за Судскиот совет

Мустафа ја покрена оваа иницијатива по интервјуто на претседателката Адеми за порталот СДК.МК, во кое Адеми отворено зборуваше за политички притисоци врз институцијата на која таа е прв човек, за оживување на „амнестијата на претседателот Ѓорѓе Иванов, како и за политичките математика за спас на експремиерот во бегство, Никола Груевски.

За иницијативата за дисциплинска одговорност се чека конечна одлука.